Средба на премиерот Заев со синдикалните претставници на Еурокомпозит: Една плата следната недела и системски решенија за трајно решавање на егзистенцијата на вработените и на претпријатието

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Пеце Ристески, претседател на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Република Македонија, Маре Анчева, генерална секретарка на СИЕР, Влатко Чурлиноски, претседател на синдикалната организација на СИЕР при Еурокомпозит – Прилеп, како и неколкумина други претставници на синдикалното раководство на Еурокомпозит.

- Следната недела на владина седница ќе се донесе одлука за обезбедување средства за една плата на вработените во Еурокомпозит. Веќе активно се разгледува можноста за решавање на егзистенцијалното прашање на вработените кои со месеци не примаат плата, преку Законот за материјално обезбедување невработени лица, поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата. Ставот на Владата е да се разгледа можноста за системско решавање на статусот на претпријатието Еурокомпозит. Ова го соопшти премиерот Заев на синдикалните преставници.

Претставниците на синдикатот на Еурокомпозит и на СИЕР, ја поздравија определбата на премиерот Заев и на Владата за системски пристап и трајно решавање на проблемот со претпријатието кое што со години е маргинализирано, поради што е загрозена егизстеницијата на околу 240 вработени, како и функционирањето на фирмата.

На средбата, синдикалните претставници беа информирани дека вработените во претпријатието ќе земат една плата, средствата од 10 милиони денари, следната недела.  Се разгледува колку средства се потребни за набавка на потребните репроматеријали, за да се овозможи производство, што е во план исто така да биде обезбедено. Во меѓувреме, се разгледува можноста да се прошири опфатот на Законот за материјално обезбедување невработени лица, поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, заклучно со 31.12.2017 година со што со обезбедување месечен надомест  трајно би се решило прашањето на над стотина лица од Еурокомпозит кои имаат над 60 години. Исто така ќе се отворат и изводливите опции за натамошната иднина на претпријатието Еурокомпозит, со што се дава предност на можноста државата да помогне околу обезбедувањето услови, ова домашно претпријатие да остане во државна сопственост и да продолжи да функционира. Се има предвид дека треба да биде решен и заостанатиот проблем со неисплатени придонеси на вработените во временски период од 5 години, поради што сметката на претпријатието е блокирана.

„Еурокопмозит може добро да работи и да произведува за потребите на МВР, МО, други договорни страни, со добро менаџирање и ако се има добра волја да му се помогне на претпријатието да застане на нозе“ е ставот што го пренесоа синдикалните претставици, на премиерот Заев.

Синдикалните преставници на Еурокомпозит и од СИЕР соопштија дека гледаат политичка волја кај премиерот и кај Владата за решавање на проблемот.

Договорено е да продолжат контактите преку конструктивна соработка, со цел да се обезбеди добра иднина за претпријатието, во интерес на луѓето кои се водат како вработени и можноста за нови вработувања што се отвора со ваквиот владин пристап.