Владата на Република Македонија ја одржа 47-та седница

На денешната седница владата донесе одлука за согласност на Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1, со Друштвото за трговија, услуги и производство Џемдаг Лајтинг Еуропа.

Ова е прв договор за гринфилд инвестиција според критериумите од новиот План за економски раст кој беше промовиран непосредно пред Нова Година, вреден 5 милиони евра, и предвидува 100 нови вработувања.

Владата денеска го разгледа и утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, со одлука да го достави до Собранието на Република Македонија согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Со предложените решенија веледрогериите се задолжуваат да обезбедат пообемна документација која се однесува на квалитетот на лековите кои се предмет на паралелен увоз.

Дополнително со овој предлог-закон се прецизира начинот на издавање на одобрението за паралелен увоз во смисла на утврдување на критериуми и тоа со обезбедување Сертификат за квалитет на лек што e предмет на паралелен увоз, приложен во оригинал. Сертификатот за квалитет треба да биде издаден од страна на производителот на лекот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител или од земјата извозник на лекот.

На овој начин се овозможува подобрена контрола на квалитетот на секоја серија од лековите кои се предмет на паралелен увоз и се обезбедуваат безбедни лекови од паралелен увоз и заштита на пациентите од евентуални неквалитетни лекови.

Владата го усвои предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител, со што ќе се овозможи создавање посебно надворешно дело, како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица при Министерството за внатрешни работи и припадници на затворската полиција.

На предлог Министерство за животна средина и просторно планирање, владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за ажурираниот Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи во Република Македонија.

Ажурираниот национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи опфаќа и препорачува повеќе акции како наредни чекори за исполнување на обврските кон Стокхолмската конвенција и унапредување на животната средина во доменот на овие хемикалии, како што е спречување на неконтролирано горење отпад на нестандардни депонии, воспоставување контрола при увоз на стара опрема со ризик од хемикалии штетни за здравјето на луѓето и животната средина, формирање и функционирање на собирни центри, центри за третман и преработка на искористени возила, како и други мерки.

На денешната седница на владата се разгледани и усвоени повеќе предлог-уредби предложени од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Уредбите се однесуваат на начинот на давање услуги на воздухопловната навигација, како и посебните услови во однос на потребниот персонал, опремата и другите посебни услови неопходни за безбедно и уредно работење, потоа на организацијата и користењето на воздушниот простор, како и на правилата и условите за заемна оперативност на системите, нивните составни делови и поврзаните процедури за давање на услуги на воздухопловна навигација со европската АТМ мрежа.

Овие предлог-уредби се донесуваат заради новите регулативи од страна на Европската Унија, и се во согласност со обврските преземени со Мултилатералната спогодба за основање на Европска заедничка воздухопловна област (ЕЗВО).
На оваа, 47 седница на владата е усвоена и Информацијата за склучување Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за соработка во случај на катастрофи.

Денеска владата ја усвои и Информацијата за учеството на делегација на Република Македонија на 6-от Самит на шефови на влади на процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа, и ги задолжи Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, во соработка со Министерството за транспорт и врски, Министерство за финансии и Министерството за надворешни работи, да подготват предлог барање до кинеските надлежни институции за добивање информација за финансиска поддршка за инфраструктурните проекти разговарани на билатералната средба со НР Кина.

Владата го разгледа и усвои Извештајот од анализата на нацрт-стратешки планови на министерствата и другите органи на државната управа од аспект на формата, содржината и нивната усогласеност со стратешките приоритети на Владата на Република Македонија во 2018.Владата ги задолжи министерствата и другите органи на државната управа при финализирањето на стратешките планови да ги имаат во предвид заклучните согледувања и препоракисодржани во Извештајот, како и стратешките планови 2018-2020 година да ги објават на своите веб локации, најдоцна до 15.01.2018 година.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Анализата на спроведувањето консултации и учество на граѓанските организации во процесот на креирање политики на Владата и органите на државната управа, и го задолжи Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во рок од 5 дена по добивање на Извадокот од Нацрт-записникот од одржаната седница на Владата на Република Македонија, да ги достави препораките од Анализата до сите органи на државната управа.

Владата денеска ја донесе одлуката за формирање Комитет за земјоделство и безбедност на храна, кој има задача да ја следи реализацијата на мерките и проектите во врска со агросекторот, безбедноста на храната и ветеринарната заштита на животните и да дава насоки и предлози заради подобрување на состојбите во спомнатите области..

Со работата на Комитетот раководи претседателот на Владата на Република Македонија како претседател на Комитетот.


Покрај Претседателот на Владата на РМ, членови на Комитетот по функција се и заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот за здравство, министерот за животна средина и просторно планирање, министерот за финансии, директорите на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и на Агенцијата за храна и ветеринарство, директорот на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, директорот на Државен инспекторат за земјоделство, директорот на ЈП Македонски шуми, директорот на ЈП за стопанисување со пасишта, директорот на АД Водостопанство, како и државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и посебниот советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на претседателот на Владата на Република Македонија.