Од 27-ма владина седница: Препораки до граѓаните и работодавачите по најавите за нов топлотен бран од утре; Одлука за престанок на мандатот по сила на Закон, на градоначалникот на општината Сарај

Владата на Република Северна Македонија, на барање на Министерството за здравство, донесе препораки во врска со новиот топлотен бран што се очекува од утре да ја зафати целата држава.

Од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека од утре 19.06.2024 (среда) до 23.06.2024 година (недела), целата територија на Република Северна Македонија ќе биде зафатена од Топлотен бран од портокалова фаза.

Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, согласно коишто, за периодот од утре 19.06.2024 (среда) до 23.06.2024 година (недела), е предвидено:

1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;
2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица;
4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Владата, на предлог на Министерството за локална самоуправа, ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Одлуката за престанок на мандатот по сила на Закон за градоначалникот на општината Сарај и донесе Одлука за престанок на мандатот по сила на Закон за градоначалникот на општината Сарај, по верификацијата на неговиот мандат како пратеник.