
Владата на денешната 66 седница го прифати предложениот концепт за организација на ресурсен центар за поддршка на општините.
Предложениот концепт за ресурсен центар за поддршка на општините ќе обезбеди сериозна поддршка за јакнење на капацитетите на локално ниво, што ќе доведе до поттикнување на поефикасен локален развој а паралелно со ова ќе се обезбеди подобрена соработка помеѓу локалната и централната власт.
Прва компонента која ја опфаќа овој концепт е Фонд за техничка документација (ФТД) – овој финансиски инструмент/шема за грантови за финансирање на општините и на центрите за развој на планските региони, за изработка на сеопфатна техничка документација за проекти за развој на инфраструктурата е веќе пилотиран во рамки на проектот „Градење на општински капацитети за имплементација на проекти“ и се спроведува во партнерски однос од страна на Министерството за локална самоуправа, УНДП и Шведската развојна агенција – SIDA. Втора компонента е поддршка и развој на капацитетите на општинската администрација – оваа компонента би се реализирала преку: обуки, стручна помош, размена на искуства и поддршка на меѓуопштинската соработка. Додека пак, трета компонента е прегледност на можности за финансирање на проектна основа-платформа со сите можности за финансирање на проектна основа. Следење и интегрирање на сите огласи за распределба на буџетски средства кон општините како и отворени повици за повлекување на донаторски средства.
Дополнително, на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на 120 еколошки автобуси за градски превоз и го задолжи Министерството за транспорт да ја отпочне постапката за јавна набавка. Распределбата ќе се изврши согласно ургентноста, економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа.
Исто така, како Влада продолжуваме да го реализираме ветеното во делот на реорганизација на институциите. За таа цел на денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од реорганизација на Фондот за иновации и технолошки развој и предлог за спојување со Агенцијата за поддршка на претприемништво и го задолжи Министерството за образование и наука во рок од 10 дена да формира работна група со претставници на Канцеларијата на Претседателот на Владата, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Фондот за иновации и технолошки развој која ќе има за цел да изработи нов или измена и дополнување на Закон за иновациска дејност со кој ќе се регулира реорганизацијата на Фондот за иновации и технолошки развој.