Премиерот Заев: Достоинството и идентитетот се многу важни за двете страни во преговорите со Грција

Одговори на новинарски прашања на Премиерот Зоран Заев, во Неготино, по повод традиционалното одбележување на празникот на винарите и лозарите

Медиуми: Од Министерството за надворешни работи, е испратено кратко и оскудно соопштение до медиумите, може ли повеќе детали за тоа што беше договорено на вчерашната средба (Димитров-Коѕијас во Виена, н.з.)?

Премиерот Заев: Знаете дека во суштина вчера почна преговарачкиот процес, до сега беа презентирање на позициите на двете страни. Секако, за деталите од процесот, ќе информира и директно и Министерството. Соопштението беше пуштено. Не очекувавме ние премногу. Пред сè, има образлагање на суштините на позициите на двете страни, со обид на меѓусебно разбирање. Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае во суштина работите кои што можат да поминат, или кои што не можат да поминат кај едната и кај другата страна. Важно е да се гради довербата помеѓу двете страни во функција и за решавање на проблемот. Мене ми е драго што се разглобени во суштина сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции кои што беа појдовни точки на разговорите, знам дека тоа е веќе намалено на четри позиции. Три се отстранети. Јас верувам дека со политиката на новата Влада многу брзо ќе можат да се отклонат и другите позиции. Но, уште еднаш , да потврдам и да потенцирам, Република Македонија сака решение, правиме буквално се, се обидуваме да градиме внатрешен консензус, во државата, во функција на изнаоѓање на конечно решение и навистина сме оптимисти во изнаоѓање на решението. Секако, се испорачуваат одредени пораки од нашиот партнер од другата страна, од грчката страна, за одредени линии, црвени линии, плави линии и слично. Јас верувам дека треба да изнајдеме решение за доброто на граѓаните на двете земји.
Ако бидеме навистина оптимисти во овој процес, ако навистина искрено сакаме и посакуваме да се изнајде решение, тоа е можно, процесот има временски период пред себе. Навистина сме, уште во првото полугодие на февруари, се надевам дека секој следен чекор ќе не приближува во делот на сите оние ставки кои што се отворени, а буквално треба да бидат мост на сплотување и конечно изнаоѓање на решение на проблемот кој што Република Грција го има со нашето уставно име.

Медиуми: Значи ли решението промена во Уставот? Ќе има ли промена на Уставот?

Премиерот Заев: Јас не ги коментирам деталите, заради тоа што ќе излезе дека преговараме преку медиумите. Но, реков: Достоинството е многу важно. Идентитетот е многу важен. Од тука отприлика и кажуваме сè. Да му дадеме шанса на преговарачкиот процес, а да не влегуваме во деталите во самите точки, од проста причина што вреди да му се даде шанса на овој процес да се дојде до решение. Ако ги коментираме сите детали внатре, навистина тоа е болно, невозможно да го донесе конечното решение. И од тој аспект, мислам дека знаат и граѓаните кои се нашите ставови и во поглед на ова и во поглед на другите прашања. Но, да бидеме внимателни за да му дадеме шанса на процесот кон решение.

Медиуми: Што значи прифатлива географска одредница?

Премиерот Заев: Знаете дека се спомнуваат неколку имиња. Тоа значи дека за нас е прифатливо име со географска одредница, односно ги отстрануваме сите други, кои беа, со временска одредница, или некои други укажувања кои доаѓаа како предлози.

Медиуми: Има најава за средба во Софија?

Премиерот Заев: Да, таму ќе има средба по друг повод. Министерот за надворешни работи ќе биде таму, каде што нема да се преговара сигурно. Преговарачкиот процес беше вчера, од тука ќе се извлече сублимат и веднаш ќе се закаже следна средба за преговорите.

Медиуми: За преговорите уште едно прашање. Споменавте дека имаше седум појдовни позиции, а во овој момент во три има приближување на ставовите меѓу Македонија и Грција. За кој три сегменти од целиот тој процес станува збор?

Премиерот Заев: Тоа би било преговарање преку медиумите. Јас го кажувам како податок, да охрабрам дека има работи кои се придвижени. Веројатно, тие беа најлесните. Но, добро е, сигнал е, охрабрување за нас, охрабрување за грчката дека е можно да се изнајде решение. Секако, суштинските позиции се многу значајни, името, Уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои што таму се спомнуваа. Секако, тоа е суштината на самиот преговарачки процес и можноста за изнаоѓање на решение. Јас верувам дека ќе бидеме прагматични. Двете страни. Заради тоа што политичарите може да преговараат што сакаат. Јас сум само Зоран Заев, од другата страна е Алексис Ципрас, или од наша страна е Никола Димитров, од другата страна е Никос Коѕијас. На крајот, институциите се тие што носат одлуки и решенија, а на крајот како што знаете граѓаните на референдум ќе го потврдат тоа. Дај Боже, да дојдеме до решение да можеме да излеземе на референдум.

Медиуми: Кога се очекува да дојде Коѕијас и дали може да се очекува да донесе и Нацрт-договор?

Премиерот Заев: Нацрт договорот, е еден од алатките. Се прават одредени скицирања за можни решенија, влијанија врз двете страни, како тоа би било прифатено од граѓаните на двете страни, од институциите или слично. Едно од тие скицирања е и нацрт верзија за меѓународен договор, или спогодба меѓу двете страни, што секако на крајот се надеваме дека треба да биде ратификувана во Парламентот. Тоа што би било решение, или решливо, досега би било фиксирано. Сето друго што е отворено, како ќе го решаваме. Но, да не заборавиме, што и да се разговара, дали на билатерално ниво или на министерско и на премиерско ниво, се враќа кај Нимиц, затоа што процесот е предводен од Обединетите Нации, преку медијаторот Метју Нимиц и на крајот мора да ги има правно-формалните импликации во ОН.