Прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче: Владата донесе одлука за локација на новиот Клинички центар

 

Обраќање на министерот Филипче

Би сакал да ја информирам јавноста дека после интензивни разговори и интензивни консултации, Владата на Република Македонија ја донесе одлуката за дислокација на Клиничкиот центар, од постојната местоположба. Знаете дека бевме многу блиску до почеток на изградба на нов клинички центар на постојната локација, но го послушавме гласот на граѓаните на народот, го послушавме гласот на стручната јавност, на асоцијацијата на архитекти, го послушавме гласот на лекарите, но и на здруженијата на пациенти и одлучивме дека последната локација не е најдоброто место за натамошно функционирање на Клиничкиот центар.

Тоа место е загушено, на тоа место дури и со новиот проект немаше да се постигне добро сообраќајно решение, немаше да има доволно паркинг места и улицата „Водњанска“ и понатаму ќе останеше тесно грло, коешто лошо ќе ги служеше граѓаните, кои живеат во околината, но истовремено немаше да обезбеди добар пристап до болничката услуга за граѓаните. Но најважно од сè, тој проект немаше да обезбеди вистински модерен клинички центар, како што постои во развиените земји. Немаше да добиеме модерна зграда, а сакаме да добиеме модерна зграда, во којашто ќе имаме можност да дадеме интегрирани, модерни, здравствени услуги на сите граѓани на нашата земја, при тоа разгледувавме неколку локации, коишто се доволно големи да освен зградата за клиничкиот центар, се смести потенцијално и Медицинскиот факултет, понатаму соодветен истражувачки центар, па евентуално и кампус за сместување на студентите по медицина. Сакаме да добиеме еден систем, којшто на некој начин ќе биде мал медицински град, којшто лесно ќе биде достапен за граѓаните од Скопје, но и за граѓаните од целата наша држава, со соодветни пристапни патишта.

Паралелно на тоа, сакам да истакнам дека веќе работиме на градење на систем на едукација на нашите лекари, кој ќе ги направи подготвени да дадат соодветно висок квалитет на здравствени услуги, како во сегашните услови, така и во условите кога ќе биде спремно да се работи во новиот клинички центар. Истовремено работиме и на подобрување на сообраќајното решение во клиничкиот центар, каде што е сега, со Градот Скопје имаме изготвено едно решение за влез, како и за проток на возилата, ќе обезбедиме посебна лента за влез на Брза помош. Истовремено, на плацот кој беше предвиден за градба за кратко време, се надевам дека ќе успееме да направиме и монтажна катна гаража, со што ќе го олесниме протокот на возила во рамки на сегашниот Клинички центар.

Ова, како што знаете е проект за кој претходната Влада имаше потпишано договор и има некои финансиски обврски. Искрено се надевам дека ќе има простор да преговараме со Банката на Советот на Европа, со која тој договор е потпишан, дека ќе успееме да направиме реаранжман на тој договор, дека ќе успееме да не ги платиме пеналите, кои се предвидени да се платат ако овој договор не се оствари. Но, истовремено сметам дека иако е поевтина инвестиција, на долг рок би била поскапа.  Остануваат многу згради кои се стари, остануваат две згради со кои новиот клинички центар требаше да биде споен, кои се за реновирање. Дури кога ќе завршеше градбата на новата зграда и кога ќе се споеше со постојните објекти требаше да влеземе во следна фаза на реновирање и репарирање на останатите седум до осум стари згради на кои веќе им треба поправка на крововите и на внатрешната инфраструктура. Сметам дека поголема инвенститција, сега на почетокот, со цел да го решиме проблемот на квалитетна здравствена услуга во соодветна здравствена установа за граѓаните од цела држава на долг рок ќе биде всушност најевтина. Ова е еден капитален проект, со кој ќе го решиме проблемот на здравствена услуга во следните неколку децении.

 

 

Одговори на прашања од медиуми

 

1. Која ќе биде локацијата на новиот клинички центар?

Разгледуваме повеќе локации, таа што најмногу ја разгледуваме е во Бардовци, блиску до постојната Психијатриска болница. Таму каде што има некои пристапни патишта, но се планира да се направи нов пристапен пат кој ќе тргне од населбата Карпош и ќе води директно до тој дел.

Се планира да се пробие уште една друга улица, а тоа е продолжение на улицата Железничка која ќе продолжи во правец на населбата Ѓорче Петров и ќе поминува точно покрај местото каде што планираме да се смести Клиничкиот центар.

 

2. Дали станува збор за истата локација предложена од архитектите?

Ова е направено во консултација, разговори и договори со Асоцијацијата на архитекти кои ни дадоа издржано, професионално мислење зашто сметаат тој Клинички центар треба да биде лоциран токму таму.

 

3. За колкава површина станува збор и какви се имотно-правните односи околу земјиштето? Дали е државно или не и дали ќе бидат потребни 5-10 години за да профункционира?

Мислам дека нема да треба толку време, дел од земјиштето е државно и има еден дел од урбанистичкиот план, сигурно дека ќе треба да се преземат чекори за да се расчистат имотно-правните односи, станува збор за парцела која што има големина од 84 хектари. Само за споредба, според постојната површина е 24 што значи сосем доволно место за еден голем и модерен Клинички центар и сосема доволно место за интегрирани услуги во модерен објект кој може да дозволи нов тип услуги, кој може да дозволи формирање на нов тип операциони сали, комерцијални интраоперативни процедури, нешто што во проектот за сегашниот Клинички центар не беше предвидено.

 

 4. Рековте дека ќе гледате да го избегнете плаќањето на пенали, но како ќе го изведете тоа? Со оглед дека претходно е потпишан договор за изградба на Клиничкиот на веќе постојната локација.

Мислам дека има простор да разговараме и да преговараме со менаџментот на Банката на Централна Европа, но јас сум убеден дека дури и да ги платиме пеналите, ова ќе биде најдоброто па дури и најисплатливото решение.

Дури и да ги платиме тие предвидени пенали кон Банката, ништо нема да направиме ако добиеме само еден нов блок на зграда кој ќе се спои со сега старите згради, зашто после ако не и во меѓувреме тие стари згради ќе треба да се реновираат, па ќе треба да влеземе во нов циклус на инвестиции, па ќе треба да влеземе во нов циклус на сообраќаен хаос.

Така што мислам дека дури и по таа цена, ова е вистинското решение.

 

5. Министре, во 2010 г, тогашниот министер исто така кажа дека нов Клинички центар ќе се гради во Бардовци. Дали е истата локација од пред 8 години и дали во меѓувреме ги споивте во еден Клинички центар и кога ќе функционира така?

Мислам дека станува збор за истата локација, сега ние детално ја разгледуваме, со тоа што сега во конкретен план е и изработката за плановите како да се направат пристапни улици.

Значи улица Словенечка треба да биде улица булевар и оваа друга улица која ќе доаѓа од општината Карпош .

Во однос на интеграцијата на Клиничкиот центар, работната група работи на тоа, ги евалуира сите моменти и финансиски и административни и мислам дека се на добар пат за одредено време тоа да стане една функционална целина.

 

6. Рековте дека местото каде беше предвидено новата зграда за Клинички центар да се прави дека ќе треба таму да биде катна гаража. Колкав ќе биде објектот и од каде пари, кога ќе почне градбата на тоа и што во меѓувреме дури се гради новиот Клинички?

Ќе преземеме градежни активности само таму каде навистина треба, кај што објектите се во навистина лоша, катастрофална ситуација. Нема да преземеме големи инвестиции секако, сè додека не видиме дека можеби текот на процесот на лекување на пациентите е загрозен.

Сообраќајното решение за проток на возила каде е веќе изготвено, заедно со инженерите во град Скопје, ќе се интервенира директно на местото но и на излезите.

Во однос на динамиката на изградбата на катната гаража ве уверувам дека ќе го направиме тоа во најкратко можно време, а во однос на изнаоѓање на финансии тоа секако ќе биде приоритет заради тоа што во овој момент хаосот е огромен.

 

7. Колку ќе чини целокупната инвестиција на оваа локација?

Не можам да кажам конкретно заради тоа што има некои првични анализи кои покажуваат дека инвестицијата би била околу 420 милиони евра но дополнително ќе излеземе со точна информација за ова прашање.

 

8.Кога ќе почне изградбата и за колку време треба да биде изграден?

Сега активно работиме на подготвување на теренот заедно со општината Карпош и заедно со градот Скопје.

По нашите сегашни проценки мислам дека за година и пол до две години ќе бидеме спремни да почнеме со изградбата.

За тоа кога би бил готов објектот, очекувам дека таков еден објект со таков габарит би се градел некаде околу 4-5 години.

 

9. Пропаѓаат 1,3 милиони евра дадени за стариот проект на италијанската фирма?

Со оглед на тоа што е капитален објект, со оглед на тоа дека станува збор за многу сериозно прашање на еден многу сериозен начин во смисла на модерен објект од здравствени услуги за сите пациенти.

Сметам дека сега тоа што ни изгледа најскапа варијанта, како сума на пари на долг пат всушност ќе биде најдобрата инвестиција.

 

10. Колкав ќе биде капацитетот, на колкава површина ќе биде ..И други технички податоци за објектот?

Техничките работи допрва ќе ги дискутираме заради тоа што сакаме да бидеме најпрво сигурни кој дел ќе го префрлиме таму од Клиничкиот центар.

Сигурно ќе разговараме со Медицинскиот факултет и врз основа на тоа ќе одлучиме заедно со стручните лица и архитекти кои се цело време на располагање и со кои имаме одлична соработка.

Дали ќе станува збор за една, можеби за две згради. Значи тоа се технички детали кои ќе ги разгледуваме сега во многу скоро време.

 

11. На почеток кажавте разгледувате неколку опции, спомнавте дека ќе биде Бардовци, па почнавте да кажувате како ќе се градело во Бардовци. Што доколку не испадне оваа локација, кои други се во план за изградба на новиот Клинички центар?

Неколку варијанти беа и сите се во близината на Бардовци, затоа сме концентрирани на оваа локација во близина на постојната Психијатриска болница.

 

12. Во однос на катната гаража, што е предвидено?

Мислам дека најдобра опција е монтажна гаража која може да го покрие овој капацитет на возила кој ќе циркулираат. Мислам дека тоа е најдобро решение заради тоа што најбрза, од друга страна бесцелно е да правиме цврста градба.

 

13. Ова значи дека отпаѓаат фирмите кои требаше да го градат новиот Клинички центар со стариот проект и дали ќе биде распишан нов тендер?

Секако дека ние започнуваме нова постапка.

 

14. Спомнавте нешто околу пеналите, ме интересира целата финансиска конструкција? Дали ќе оди преку Банката на Совет на Европа? Дали и колку на пример проценти ќе биде од нив, а колку Владата ќе учествува?

Тие разговори ќе ги почнеме сега многу скоро. Јас искрено се надевам дека тие луѓе од Банката ќе излезат во пресрет и ќе може и понатаму да ја продолжиме соработката со нив.

Секако дека ќе треба некоја друга рамка да се направи, но ќе треба да се разговара.

 

15. Рековте ќе се распишува нов тендер, тоа значи на фирмите претходно, пенали да им се плаќаат?

Тоа ќе биде работа на разговори и на договор со нив, станува збор за домашни фирми кои учествуваат на градба, имаат капацитет да го градат и сите се добредојдени да учествуваат во сите натамошни постапки.