Од 60-тата седница на Владата на РМ: Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции; Нова динамика на гасификацијата; Владина поддршка за општинските услуги; Се изоструваат критериумите за набавка и поседување оружје
На денешната 60-та, редовна седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои информацијата за реализацијата на владината одлука од 42-та седница со која ги задолжи министрите, замениците министри, државните секретари, генералниот секретар и Претседателот на Владата на Република Македонија, да достават информации за службените трошоци направени во рамките во првите шест месеци од преземањето на функциите, поточно од јуни до ноември 2017 година.
Целосниот увид во овие трошоци јавноста во Република Македонија ќе го има преку алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, која ќе биде презентирана на прес конференција во Владата на РМ.
На оваа своја седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за реализацијата на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата.
Владата го задолжи Министерството за економија во рок од 30 дена да формира работна група составена од претставници на Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација на економските ресори, Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина, АД МЕР Скопје, АД ГА-МА Скопје и Заедницата на единиците на локалната самоуправа, а по потреба и претставник од Регулаторна комисија за енергетика, со цел координација и следење на процесот за реализација на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата.
Работната група има должност, преку Министерството за економија да доставува информации до Владата на Република Македонија за натамошниот прогрес на реализација на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата.
На денешната седница Владата на РМ ја разгледа и усвои Информацијата за измена и дополнување на намената на одобрени, а неискористени средства од Буџетот на Република Македонија.
Оваа одлука е донесена врз основа на барањето на Општина Центар за пренамена на преостанатите 83,5 милиони денари, од вкупните 3, 5 милијарди денари предвидени за изградба на фонтани, спомен обележја, летниковец, колонада, постаменти за споменици и скулптури. Општина Центар побара да се изврши измена и дополнување на намената на одобрените, а неискористени средства од Буџетот на Република Македонија и истите да бидат наменети и за плаќање на доспеани обврски за изградба на мостови и катна гаража, како и за изградба и реконструкција на друга инфраструктура согласно Програмата за уредување на градежно земјиште на Општина Центар Скопје.
Владата на Република Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за напредокот во имплементацијата на Проектот за подобрување на општинските услуги.
Во рамките на овој проект, заклучно со јануари 2017 година предмет на разгледување и финансирање со средства од ЕУ ИПА грантот за рурална инфраструктура се 134 проекти поднесени од страна на 78 општини, во вкупна вредност од 22,9 милиони евра.
На денешната седница Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од ре-прогласување на Охридско Езеро и прогласување на Студенчишко Блато за заштитени подрачја и нивно номинирање во Светската Рамсарска Листа, и го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со општините Охрид, Дебарца и Струга да изнајдат финансиски средства за изготвување на Студија за валориазција на природни вредности за Охридско Eзеро и за апликација за номинација на Охридско Eзеро и Студенчишко Блато во Светската Рамсарска Листа.
Владата денеска го разгледа и утврди новиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за оружјето, и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија на натамошна постапка.
Определени точки на изменување на Законот, меѓу другото, се однесуваат на преквалификација на определени видови оружје, ограничување на правото на набавување на кусо и долго огнено оружје со жлебени цевки за лица помлади од 25 години под определени услови, продолжување на рокот за заменување на дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје, повторно воведување на легализација на оружјето од Б, Ц и Д категорија кое се поседува без соодветна важечка исправа издадена согласно одредбите на стариот Закон за набавување, поседување и носење на оружје и Законот за оружјето.
На денешната седница, владата донесе Одлука за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри во 2018 година за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и на Црвениот крст на Република Македонија.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за имплементацијата на Национална стратегија за вработување на Република Македонија 2016-2020 година и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во соработка со релевантните институции да достави до Владата нов Акциски план за вработување за периодот 2018-2020 година во јули 2018 година.
На предлог на Министерството за здравство, владата денеска ја разгледа информација за отворање на процесот на јавно приватно партнерство во рамките на здравствениот сектор кој ќе се однесува на тековното инвестициско одржување на објектите. Информациите со анализата на физибилити студиите за оправданоста на доделувањето на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство ќе бидат доставувани до Владата на Република Македонија.
Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од донесување на Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево-Охрид, и го разгледа и го прифати текстот на Анексот бр. 1 кон Договорот за изградба на патна делница Кичево -Охрид заради продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Sinohydro Corporation Limited.
На денешната седница, владата заклучи дека е неопходно целосно докомплетирање на документацијата и аргументацијата до наредната владина седница, за да се спроведе постапката за раскинување на договорот со концесионерот на рудникот Казандол.