Сарачини: Простување на долгот - најприфатливо решение за прилепскиот Тутунски комбинат
Најприфатливо решение за Тутунски комбинат - Прилеп беше државата да и го прости долгот, изјави денеска министерот за економија Ваљон Сарачини запрашан зошто државата се одлучила за ваков модел со овој загубар.
- Еден од главните приоритети на Владата е секогаш активно да работиме за да ги решиме случаите со четирите загубари. Сите чинители на Владата, особено економските министри дојдовме до заклучок дека моментално ова е најприфатливото решение. Работиме и во насока на елиминирање на проблемите на останатите загубари, конкретно со ЕМО Охрид каде ќе ја имаме предвид социјалната димензија за оваа фабрика, рече Сарачини по посетата на Бирото за метрологија.
За останатите загубари, како што посочи, уште еднаш ќе се анализира целата ситуација и ќе се види кое е најприфатливо решение.
Во однос на тоа дали „Макпетрол Промгас“ ќе сноси последици поради прекинот на снабдувањето со гас, Сарачини рече дека Министерството согласно законот е надлежно само да алармира, а Регулаторната комисија за енергетика како независно тело ги има сите компетенции.
- Регулаторот ги има сите компетенции бидејќи се работи за независно тело. Престоставуваме дека веќе се разбраа околу сите работи. Нашата главна цел беше деловната заедница нормално да работи и да нема штети при прекинот на гас. Факт е дека Макпетрол го прекрши законот, но факт е дека и се разбраа со Регулаторната комисија. Останува да видиме како ќе одвива целата ситуација понатаму, истакна министерот за економија Ваљон Сарачини.