Димовски: Европа да ја искористи можноста за соработка и инвестиции во земјите од регионот

Регионот е гладен за инвестиции кои ќе го модернизираат земјоделското производство. Нашите земји ја разбираат важноста и даваат приоритет на ЕУ интеграцијата. Од тие причини, ја интензивиравме соработката со цел да се придвижиме напред согласно европската агенда, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски во денешното обраќање на Глобалниот форум за храна и земјоделство во Берлин.

Отворајќи ја панел-дискусијата „Обезбедување храна преку одржлив раст – земјоделско производство во услови на ограничени ресурси“, Димовски, во својство на претседавач со Постојната работна група за регионален рурален развој, се осврна на пристапувањето на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) во Европската унија, улогата и потенцијалот на аграрот во нивните економии, инвестициите и зајакнувањето на партнерствата.

Европа да ја искористи можноста за соработка и инвестиции во регионот на ЈИЕ, беше неговата клучна пораката.

Југоисточна Европа нуди нови можности за пазарот на ЕУ особено кога станува збор за странските директни инвестиции поттикнати, пред се, од подобрената деловна клима.

- Сите земји од ЈИЕ направија значителен напредок на политичките, општествените и економските фронтови. Регионална соработка е една од нашите главни цели. Се обврзавме да продолжиме со нејзино јакнење и да ги промовираме суштинските цели, трговијата, пазарно-ориентираната економија, подобрувањето на инфраструктурата, животната средина, истражувачката технологија и развојот. Овие промени го понесоа регионот кон ефикасна модернизација на земјоделскиот сектор и на севкупната економија. Така ќе продолжиме, да бидеме главна сила за во иднина, потенцира Димовски.

Поголем дел од земјите во регионот имаат висок природен потенцијал за земјоделство, здрава животна средина, поволни услови, ресурси, плодна земја за овошје, вино, трпезно грозје и зеленчук. Поволни се, истакна министерот, и условите за инвестирање поради ниската цена на трудот и трошоците за производство. Меѓу приоритетите остануваат натамошните интензивни реформи. Воедно се планирани значителни инфраструктурни инвестиции и натамошни вложувања во аграрот. Конечен, но не и последен е фактот што во сите земји на Југоисточна Европа постои силна земјоделска традиција.

- Земјоделството игра важна улога во економиите на Југоисточна Европа. Нашите бруто домашни производи повеќе зависат од земјоделството отколку БДП на земјите членки на ЕУ. Учеството на земјоделското земјиште, пак, во однос на вкупната територија е околу 40 отсто што е речиси исто или поголемо од просекот во земјите-членки на ЕУ. Оттука, економскиот раст и стабилноста многу зависат од развојот на земјоделскиот сектор, а земјоделско-прехранбените производи претставуваат значаен дел од надворешната трговија на ЈИЕ, рече Димовски.

Од 2005 година до сега, во сите земји од регионот извозот на земјоделски производи се зголемува. Притоа, членките на ЦЕФТА се главните извозни партнери. Ова, според министерот, е само еден од фактите кои зборуваат за големиот потенцијал и можностите за извоз кон ЕУ и другите пазари.

Подвлекувајќи го значењето од ЕУ интегрирањето, Димовски нагласи дека усогласувањето со Заедничката земјоделска политика (ГАП) ќе придонесе за подобрување на аграрните политики, зголемена транспарентност во распределбата на ресурсите, модернизација на секторот и стабилност на мерките.

- Сите земји од ЈИЕ настојуваат да ги прилагодат своите институции и економските политики, да го зајакнат владеењето на законот и да развијат пазарно-ориентирани економии согласно барањата на Унијата. Но, интеграцијата во ЕУ е комплексен процес. Понекогаш се соочуваме со нееднаков и бавен напредок во исполнувањето на условите и референтните точки. Искуствата покажуваат дека надополнувањата на нашите напори многу зависат од подготвеноста на ЕУ понатаму да ги поддржи нашите заеднички цели и да ги зајакне нашите залагања, напомена министерот.

Тој во обраќањето стави акцент и на македонското земјоделство кое, како што рече, учествува со 15 отсто во БДП заедно со индустријата за храна, а вработува околу 20 проценти од вкупниот број вработени во државата.

- Последниве години е евидентен нагорниот тренд. И покрај глобалната криза, извозот на земјоделски производи лани се зголеми за 30 отсто. Ова е резултат на многу напори за завршување на трансформацијата, приватизацијата, јакнењето на организациите и пазарно-ориентираните стратегии за производство, посочи Димовски, додавајќи дека Македонија се стреми да го зголеми капацитетот на економијата за да функционира во рамки на единствениот европски пазар и да се усогласи со стандардите на ЕУ.
 
Како посебно значаен трговски партнер за регионот во делот земјоделство, тој ја посочи Германија, изразувајќи надеж дека досегашната соработка ќе продолжи со несмален интензитет.

Министерот Димовски вечер ќе присуствува на приемот што го организира германската федерална министерка за храна, земјоделство и заштита на потрошувачите Илзе Аигнер во соработка со романскиот колега Валериу Табара, а за утре е предвиден билатерален состанок со неговиот српски колега Душан Петровиќ.