Сарачини-Ќириќ: Регионалната соработка клучна за излез од економската криза
Регионалната соработка е најдобриот начин за справување со светската економска криза и намалување на последиците од неа кои се чувствуваат, оценија по денешната средба во Скопје, министрите за економија на Македонија и на Србија Ваљон Сарачини и Небојша Ќириќ.
Приоритет во следниот период, сметаат министрите, е зголемување на нивото на инвестиции од српска страна во Македонија, заеднички настап на трети пазари и надминување на отворените прашања, како што се нецаринските бариери, извозно-увозните процедури, патните такси. На решавање на отворените прашања, најавија Сарачини и Ќириќ, од март годинава ќе работи заеднички мешовит комитет, кој произлегува од договорот за економска соработка меѓу двете земји.
- Во услови на криза регионалната соработка може да биде добар начин за излез од неа. Разговараме соработката на владино ниво да се пренасочи на ниво на комори за да можат нашите компании и тие од Србија да ја анализираат целата состојба и за заеднички настап на трети пазари, изјави Сарачини.
Според Ќириќ, регионалната соработка е начин за борба против економската криза и намалување на ефектите кои сигурно се чувствуваат во Македонија и во Србија. - Еден од суштинските и остварливи начини за економски раст и за зголемување на извозот лежи во зголемување на регионалната соработка, односно во зајакнување на меѓусебните билатерална економска соработка во случајов меѓу Македонија и Србија, наведе српскиот министер за економија и развој.
Двајцата министри заклучија дека нивото на српски инвестиции на македонскиот пазар е незадоволително и има поголем потенцијал, особено во енергетиката и минералните суровини.
- Српските инвестиции во Македонија за жал во 2011 година се околу 700.000 илјади евра што е премалку, а потенцијалот е многу поголем. Има заинтересирани бизнисмени од Србија во делот на минералните суровини, рече Сарачини.
Во последните неколку години српското стопанство инвестирало во Македонија околу 40 милиони долари, а минатата година ниту милион долари, што, посочи Ќириќ, е доста скромно. -Се договоривме за директни контакти меѓу нас и нашите соработници за областите каде српските компании може да инвестираат, а една од нив се рудниците за јаглен и за цинк, каде постојат квалитетни и квалификувани срспки компании кои почнуваат да се шират регионално, како и други обалсти од индустријата, појасни Ќириќ.
Заедничкиот мешовит комитет на експертско ниво ќе ги решава отворените прашања, кои Сарачини ги пренел во име на македонските стопански комори. - Ги идентификувавме заеднички проблемите кои ги имаат компаниите и добивме ветување дека во иднина ќе се решат и оти нема да имаме никакви проблеми во однос на извозот на нашите производи кон Србија, нагласи македонскиот министер.
Од српска страна, појасни неговиот колега, првенствен проблем е увоз на брашно во Македонија поради усвоениот правилник во декември лани, за што е договорен механизам и се очекува да се реши. Отворените прашања кои постојат се врзани и за одредени процедури за извоз на лекови од Србија, односно увоз на лекови од Македонија, како и кај одредени прехранбени производи, укажа Ќириќ, појаснувајќи и дека во Србија има повластувања и за странските и за домашните инвеститори, со што е надминат проблемот на кој се пожалиле македонските компании.
Министерите за економија на Македонија и на Србија најавија и соработка во туризмот преку создавање заеднички туристички производи и поголема меѓусебна промоција. Го повторија и значењето на довршувањето на патната инфраструктура на Коридорот 10, со заложби за негова изградба.
- Во однос на Коридорот 10, од српска страна се при крај поголемиот дел од работите. Завршен е северниот дел до Ниш, и уште 15 до 20 километри од Ниш кон Македонија. Дадовме ветување кажавме како течат работите кај нас затоа што голем дел од компаниите кои инвестираат во Србија се позиционираат близу Коридорот 10 што автоматски го кажува значењето на патната инфраструктура во економската соработка, изјави Сарачини.
Трговската размена со Србија е 7,2 проценти од вкупната трговска размена на Македонија. Српската држава е вториот трговски партнер на Македонија по нивото на вкупната трговска размена остварена во минатата година. Лани таа изнесувала 750 милиони долари, од кои извоз од Македонија во Србија 305 милиони долари, а увоз во износ од 445 милиони долари.