Специјална експертска група ќе го контролира квалитетот на наставата по физичко воспитување
Владата формираше специјална група составена од експерти по физичка култура и образование и од надлежните институции во државата која ќе се осврне на квалитетот на часовите по физичко воспитување, информира денеска премиерот Никола Груевски, одговоарајќи на новинарско прашање.
- Јас го покренав тоа прашање. Ние воведовме трет час по физичко воспитување, планираме понатаму да воведеме и четврти и петти, но претходно сакавме да се изградат поголем број спортски сали и поголем број тениски и мултифункционални игралишта коишто се дел од нашите проекти, па потоа да дојде до тоа, рече Груевски по пуштањето во употреба на двојно тениско игралиште во ОУ „Јан Коменски“, во општина Карпош.
Но, како што нагласи, треба да се осврнеме и на тоа каков е квалитетот на часовите по физичко воспитување.
- Има многу професори и наставници по физичко образование што многу професионално и совесно си ја вршат работата и ги учат децата за сите спортски дисциплини и вештини, посветени се и работат со нив, се обидуваат секое дете да го научат да биде подобар спортист и да научи подобра вештина. Но, има и такви кои се целосно незаинтересирани и не ги следат програмите или народно кажано ќе им ја фрлат топката на децата на час по физичко образование и ќе одат да си бркаат друга работа. Тоа не е добро, додаде Груевски.
Тој ќе заседава со формираната група на експерти од оваа област, а со цел заеднички да изнајдат начин како да се мотивираат сите часот по физичко образование да биде вистински едукативен на кој децата максимало ќе бидат подучени на сите вештини и на сите спортови.
- Заради тоа формиравме специјална група и во наредните месеци, а можеби и години ќе се занимава со ова прашање да се врати времето во кое што се знаеше дека на час по физичко образование се учи нешто и се излегува со некоја вештина повеќе отколку што се влегува на тој час. Ќе им биде максимално посветено внимание бидејќи ние може да изградиме многу спортски сали, многу тениски терени, фудбалски игралишта, вештачки карпи итн., но ако наставниците и професорите по физичко образование не се доволно посветени на нивната работа, тоа нема да го даде вистинскиот ефект, истакна претседателот на Владата Никола Груевски.