Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, пристигна во Мостар на традиционалната манифестација Mostar Peace Connection. Пред почетокот на настанот, премиерот Заев имаше можност неформално да поразговара со домаќините, претставници од Центарот за мир и мултиетничка соработка, претседавачот со Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ, грчкиот премиер Алексис Ципрас, црногорскиот премиер Душко Марковиќ.
Премиерот Заев, заедно со неговите колеги, Звиздиќ, Ципрас, Марковиќ, положи цвеќе во реката Неретва, во знак на мир и со пиетет кон жртвите од сите војни.
Премиерот Заев даде изјава за медиумите во којашто го истакна храброто лидерство на сите премиери од регионот кои на темелите од минатото градат иднина:
"Честитки прво до моите драги пријатели Алексис и Душко и до другите лауреати и добитници за огромната чест што им е доверена со добиената награда „Мостарска повелба на мирот“.
Ја добив наградата лани и знам колку е таа вредна и што значи, значи чест, но и одговорност за доверената верба од организаторот, Центарот за мир и мултиетничка соработка и граѓаните и лидерите од БИХ, регионот и пошироко.
Пораката што ја испраќаме со присуството на оваа величествена манифестација што го слави мирот е силна.
Промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите, и самиот да стане мост, поврзувајќи се со други лидери кои им мислат добро на своите граѓани.
Никој сам не успеал. Ние, лидерите од регионот се поврзавме меѓусебно, покажавме достоинствена почит едни за други, завртевме грб на она што нè дели и го дофативме она што нè поврзува.
Тоа што нè поврзува е заедничката иднина на нашите граѓани, на регионот и на светот.
Тоа што нè поврзува е потребата за стабилност, сигурност и безбедност, а со тоа и економски придобивки, за нашите граѓани и нашите држави.
Напредокот на Република Македонија, којашто денес има покана за почеток на пристапни преговори со НАТО и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година е значаен пример, како низ соработка, меѓусебно поврзување и почитување, за само една година, може да се постигне пресвртен успех.
Регионот има лидери кои внесоа нова енергија и подготвени се да сплотуваат луѓе и држави. Тоа треба да се искористи бидејќи тоа нè носи заеднички напред.
Нашето присуство овде, пред овој обновен Стар мост ја испраќа пораката дека сме подготвени да ја примениме во пракса симболиката на Мостот и на минатото да градиме иднина.
Тоа и го правиме. Да продолжиме заедно напред, како лидери, држави, регион, како Европа и како свет, за доброто на сите граѓани!".
На манифестацијата Mostar Peace Connection, присуствуваат бројни гости, политичари и истакнати личности, заслужни за промоција на мирот, од БИХ, регионот и пошироко
На манифестацијата обраќање ќе има и премиерот Зоран Заев, кој е минатогодишен добитник на наградата „Мостарска повелба на мирот“, за придонес во соработката и поврзувањето на луѓето во својата земја, регионот и светот.