Царинската управа на Рeпублика Македонија денес потпиша меморандуми за соработка со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и ДХЛ Експрес Македонија.
Меморандумите за соработка се потврда дека Царинската управа се води од заеднички принципи на постапување и делување, разбирање на партнерите, земајќи ги во предвид предностите и современите текови на електронската трговија која ги вклучува сите трансакции реализирани од далечина, со користење на електронски или дигитални платформи.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, г-ца Нина Ангеловска и директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски, потпишаа Меморандум за соработка што претставува пристапување на Царинската управа на Република Македонија во почесно членство во Асоцијацијата за е-трговија. Потписниците на Меморандумот соработката ќе ја остваруваат преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонeсуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата, за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релевантни за област на дејствување и соодветната целна група.
Меморандумот за соработка што го потпишаа директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски и директорот на ДХЛ Експрес Македонија г-дин Нанослав Радовиќ, ќе придонесе за зајакнување на борбата против трговијата со нелегални стоки и обезбедување на сигурен превоз на брзите пратки, промовирање на ефикасна размена на информации , изнаоѓање на практични решенија за взаемна помош при идентификување на пратки со поголем ризик и обезбедување на брз третман на пратките, без да биде доведено во прашање сигурноста и безбедноста на граѓаните. На ваков начин ќе се унапреди меѓусебната соработка и ќе се зголеми свеста од негативните ефекти на нелегална трговија и транспорт што ги предизвикуваат најновите појави, облици и предизвици на шверцот на стоки.
Мерките регулирана со овие два Меморандуми, ќе резултираат со зголемена успешност во олеснување на трговијата со пратки, наплатата на приходи и подигнато ниво на заштита и безбедност, во услови на избалансираност помеѓу олеснети услови за непречен проток и оптимизирана контрола на стоката и пратките, како и правилна примена на царинските прописи.