Министерот Попоски на состанок на Советот за стабилизација и асоцијација ЕУ - Република Македонија
Во Брисел денеска ќе се одржи осмиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски кој ќе претседава со состанокот, ќе ја предводи македонската делегација во чиј состав е и заменик претседателот на Владата за европски прашања Теута Арифи. Од страната на ЕУ, во име на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедносни прашања, делегацијата ќе ја предводи данскиот министер за надворешни работи Вили Совндал во својство на ко-претседавач со Советот, а ќе учествуваат и комесарот за проширување Штефан Филе, како и извршниот директор на Европската служба за надворешна акција Мирослав Лајчак.
Тема на разговор ќе бидат билатералните односи помеѓу Република Македонија и ЕУ во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација, исполнувањето на политичките и економски критериуми, хармонизацијата со правото на ЕУ, финансиската соработка и имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Делегациите ќе разменат мислења и за состојбите во регионот Западен Балкан и други меѓународни прашања од заеднички интерес за двете страни.
За време на работниот престој во Брисел до 25 јануари, министерот Попоски ќе има повеќе средби со претставници на Европската комисија, Европската служба за надворешна акција и на Европскиот парламент.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ, која што стапи во сила на 1 април 2004, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи се до приемот на Македонија во Унијата. Советот за стабилизација и асоцијација, како највисока форма на институционална соработка меѓу двете страни, заседава на годишна основа на ниво на министри за надворешни работи. Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со годинешниот состанок претседава Република Македонија.