Владата на Република Македонија на својата денешна, 89 редовна, седница ја разгледа и усвои Информација за зголемување на коефициентите на сложеност на работите во јавните установи за деца-детски градинки во 2018 година.
Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика, почнувајќи од месец септември 2018 година, да ги изврши подготовките за исплата на плата која ќе биде исплатена во месец октомври 2018 година, линеарно зголемена за 5% на коефициентите кои се во примена и да го реализира зголемувањето на платите за вработените во детските градинки согласно обезбедените средства во Буџетот за 2018 година.
Со оваа мерка на Владата на Република Македонија ќе бидат опфатени повеќе од 4200 вработени во предшколското воспитување.
На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандумот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, и го овласти д-р Кочо Анѓушев, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економските ресори да го потпише Меморандумот за соработка во име на Владата на Република Македонија, за реализација на проектот „Изработка на Стратегија за развој на енергетиката на Република Македонија до 2040 година“.
Министрите во владата денеска ја разгледаа информацијата за текот на постапката за основање на ТИРЗ Липково, како материјал за информирање.
На предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за активностите на проектот изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и рехабилитација на средни и основни училишта во Република Македонија, и донесе одлука за продолжување на рокот за реализација на склучениот договор за изведување на градежни работи за изградба на училишни спортски сали и продолжување на рокот за реализација на склучениот договор за стручно - технички надзор за доизградба на училишни спортски сали, со цел заокружување на реализацијата на проектот.
Владата на Република Македонија ja разгледа и усвои Информацијата за потребата од воспоставување на меѓу-министерска работна група за координација на Регионалната инвестициска реформска Агенда за Западен Балкан, како заклучок од иницијативата Берлински процес.
Меѓу-министерската работна група, меѓу другото, ќе го координира влезот на инвестиции и нивно воспоставување, заштита на инвестиции и задржување на инвестиции, и привлекување инвестиции и промоција преку развој на регионална иницијатива за промоција на потенцијалите за инвестирање во земјите од регионот.
На предлог на Министерството за здравство, Владата на РМ денеска ја разгледа и Информацијата за можноста за воспоставување на јавно приватно партнерство преку формирање на современа модерна организација-платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем во Република Македонија (HEMS) и хеликоптерските услугите за пребарување и спасување (SAR) чија цел е подобрување на животниот стандард и безбедноста на сите граѓани на Република Македонија и за сите посетители во земјата.
За оваа цел, Владата на РМ го задолжи Министерството за здравство по завршување на подготвителните работи и по изработката на физибилити студијата за оправданост на доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство, да ја информира Владата за следните чекори во реализацијата.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за испраќање на републички сили за заштита и спасување на меѓународна вежбовна активност за спасување од урнатини и поплави „СРБИЈА 2018“, која, под покровителство на NATO – Euro Atlantic Disaster Response Coordination Center (EADRCC), ќе се одржи од 7 до 12 октомври 2018 година, во Младеновац, Република Србија.