Сточарството изминативе години беше запоставено и затоа овој период сме насочени кон креирање на нови мерки и политики за развој на оваа земјоделска гранка, порача на денешната средба со сточарите во Берово, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
На средбата министерот Николовски ги образложи актуелните состојби во сточарството, како и мерките на МЗШВ за поддршка на овој сектор. При тоа најави дека од следната година односно со Програмата за рурален развој 2019 година, се планира зголемување на сумата за мерката 121 „Набавка на приплоден добиток“ , од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари или околу еден милион евра. Дополнително ќе се работи на промени во Правилникот за оваа мерка со цел да биде подостапна за сточарите .
„ Оваа мерка ќе придонесе обновување на генетскиот потенцијал на сточниот фонд, што ќе влијае врз зголемување на продуктивноста на сточарското производство и на севкупниот развој на оваа гранка. Падот на бројките во сточарството мора да го сопреме и потоа заеднички да со вас сточарите да работиме на соодветни мерки за развој на оваа гранка. Сметам дека е еден од најважните сектори во земјоделството и затоа во следниот период силно ќе се фокусираме на нови мерки и политики. За прв пат објавивме наменски оглас за државно земјоделско земјиште под закуп до 3 и над 3 хекатри за сточари за производство на добиточна храна, за следната година се планирани 600 илајди евра за колектори за струја на бачилата со овци, а паралелно работиме и на други мерки , како што е новиот, Законот за пасишта, измени на Законот за државно земјиште и други“, истакна министерот Николовски .
Тој додаде дека развој на сточарството е во фокус на активностите на министерството, што се гледа и по критериумите одредени за мерката „Млад земјоделец“, според кои предност имаат токму младите сточари. Паралелно, МЗШВ активно работи на изработка на нов Закон за пасишта, со што ќе им се помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство. Со новиот закон по речиси 20 години ќе се уреди постапката и користењето на пасиштата во државна сопственост како добро од општ интерес, на современ и транспарентен начин. Со законските решенија е предвидено да се воспостават евиденција на државните пасишта и Регистар на пасиштата, како и да се пропишат одредби за класификација на пасиштата согласно со нивната намена.
Во годинешната Програма за директни плаќања за 10 отсто е зголемена субвенција по грло за сточарите со развоен потенцијал. Исто така се воведоа нови мерки во сточарството, како што се дополлнителни директни плаќања за уматичен грло-маторица, со цел подобрување на генитскиот потeнцијал и зголемување на производството на свињите, и дополнителни директни плаќања од 30% за зголемен пријавен број на грла во основно стадо, несилки и пчелни семејства.
На денешната средба на која што освен сточари, присуствуваа и други земјоделци, министерот Николовски ги информираше за мерки на кои во моментов работи МЗШВ, за новиот Буџет за 2019 година, како и за законите кои се во процедура.
Освен министерот, на средбата во Берово присуствуваа и директорот за стопанисување со пасишта, Љуљзим Фејзулаи, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.