Манчевски: Со буџетот за 2019-та ги испорачуваме резултатите кои од нас ги бараат граѓаните

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција го презентираше предлог буџетот на МИОА, за 2019-та година.

Вкупниот буџет на МИОА за 2019-та година изнесува 1.554.840.000, и бележи мал пораст во споредба со буџетот за минатата година, кога изнесуваше 1.486.050.000 денари. И оваа година, како и претходната, најголемиот дел од овие пари, односно 77% се предвидени за финансирање на МРТВ, МРД и АВМУ.

 

 

„Праксата од минатата година, за што е добиена потврда и од засегнатите страни, покажува дека на овој начин, преку обезбедување на пари од буџетот, МРТВ, АВМУ и МРД, добиваат редовни, предвидливи средства. Сега тие имаат можност, долгорочно да ја планираат својата работа и програма и имаат автономна и независна уредувачка политика“, истакна министерот Манчевски.

Како што посочи министерот Манчевски, во текот на 2018-та година, беа изработени повеќе стратегии како што се Стратегијата за реформа на јавната администрација, Стратегија за отворени податоци 2018-2020, Национална стратегија за сајбер безбедност 2018-2022, Национален план за управување со квалитетот во јавниот сектор 2018-2020. До крајот на оваа година ќе се финализира и Стратегија за широкопојасен интернет, а на средината од наредната година ќе имаме и нова Национална долгорочна ИКТ стратегија. За дел од активностите предвидени во стратегиите, обезбедени се средства од буџетот на МИОА за 2019 година, но за голем дел од активностите се обезбедени средства од партнерите од меѓународната заедница.

„Тука мислам на процесот на воведување на критериуми за висока раководна служба и изработка на нов закон. Хоризонталната функционална анализа на органите на државната управа е уште еден комплексен процес што активно ќе се реализира во 2019та година за што имаме обезбедени финансии од надворешни донатори. Во телот на информатичкото општество, тука е имплементирањето на акцискиот план за сајбер безбедност, за што се обезбедуваат пари, повторно од надворешни донатори“, информираше министерот Манчевски.

Министерот го најави и Националниот портал за е-услуги, како единствена точка на контакт на граѓаните со државните институции.

„Порталот ќе биде пуштен во употреба на почетокот на 2019 година. Во првата фаза на развој на Порталот, услугите ќе бидат насочени кон граѓаните, но порталот во понатамошниот развој ќе претставува основа на која ќе се надоградуваат сè повеќе услуги и за бизнис заедницата. За ова, повторно работиме со помош на ЕУ, целта на порталот за е-услуги е да ја зголеми ефикасноста на државните институции и да обезбеди побрзи и поедноставни услуги, преку создавање единствена точка на контакт помеѓу граѓаните и бизнисите од една страна и давателите на услуги, од друга. Порталот овозможува и поврзување со Националниот регистар на население, од каде ќе се преземаат основните податоци за граѓаните“, рече министерот Манчевски.

Уште еден проект што ќе биде реализиран во текот на 2019та година, а што е во правец на олеснување на процесот на добивање на сервиси од јавната администрација е Една точка за услуги.

„Во текот на 2019-та година во секој поголем град да се отворат канцеларии (центри) каде што граѓаните ќе може да се обратат на едно место, односно Една точка за услуги, за услугите што ги нудат повеќе државни институции. Најголем дел од канцелариите кои ќе се користат, ќе бидат актуелните интернет клубови, кои по направената анализа се покажаа како непотребни и нефункционални. Со пренамената на овие простории во центри за Една точка за услуги, овие простори ќе бидат ставени во целосна служба на граѓаните“, подвлече министерот Манчевски.

МИОА, во моментов работи и на проектот Регистар на население, како единствена база на податоци која ќе обезбеди ажурирани информации за населението во Македонија. Централниот Регистар на население ќе овозможи институциите да имаат редовна ажурна состојба за личните податоци на населението. Точноста на податоците кои се користат во управните постапки од институции е поставена на максимално ниво и истата ќе биде следена и контролирана. Со имплементацијата на овој систем отстранета е можноста за употреба на лажни лични податоци. Податоците во Централниот регистар на население се основа за издавање на електронски идентитет за граѓаните, кој понатаму се користи во порталот за е - Услуги.

„Во претходниот период бевме фокусирани на анализи, планови и стратегии. 2019 е година на испорака на резултати. Почнуваме со реорганизација и оптимизација на администрацијата. Конечно да ги направиме работите кои сите граѓани ги бараат од нас, но никој не сакаше да ги спроведе. Почнуваме и со масовна дигитализација на Македонија. Институциите мора да бидат сервис на граѓаните. Услугите ќе ги донесеме поблиску до граѓаните. Модерна администрација за модерна држава“, заклучи министерот Манчевски.