Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска, денеска на прес-конференција соопштија информации за штотуку изгласаниот ребаланс на Буџетот на владина седница.
Во продолжение ви го пренесуваме интегралното обраќање на министерката за финансии, Ангеловска.
„Ребалансот на буџетот беше во завршна фаза кога јас ja преземав оваа одговорна функција. Денес е мојот втор работен ден во кабинетот и денес беше усвоен ребалансот. Како што било пракса и претходните години тука е и Премиерот за негово претставување.
Едно од првите прашања кога влегов во завршна фаза од ребалансот беше и дали е планирано раздолжување на општините, бидејќи тоа беше една од критиките. Воедно други прашања кои ги имав беа повеќе поврзани со другите ставки, целите и ефектите, бидејќи како што знаеме дека буџетот треба да биде баланс меѓу бизнисите, граѓаните и Владата. Затоа со ребалансот треба да се мисли на сите потреби.
Како што спомена и претседателот имаме незначително намалувањето на приходната, но и на расходната страна за ист износ или за 0.1%, со што дефицитот останува ист од 2,5% од БДП.
Поради ниската реализација на одредени капитални инвестиции за период јануари-август од иницијално планираните 25.9 милијарди, намалени се одредени позиции кај капиталните расходи кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, во главно кај проекти финансирани со кредити. Со ребалансот овие средства се пренаменети во корист на сите учесници, контрибутери и корисници.
Накусо ќе се осврнам кон што се насочени овие средства:
Мерката која веќе премиерот ја најави за субвенционирање на придонеси за покачување на платите на вработените за 6000 ден. Најпрво има една цел, бидејќи знаеме дека во бизнис секторот покрај тоа што е тешко да најдат вработени, еден од предизвиците со кои се соочуваат компаниите е задржување на квалитетниот кадар. Поради тоа сметам дека оваа мерка ќе им овозможи на компаниите да даваат поголеми плати и со тоа да ги мотивираат вработените и да го препознаат трудот и потенцијалот, а за тоа ќе им помогне државата. Мерката е предвидена да трае три години до октомври 2022, а да започне нејзината примена од октомври, со тоа што очекувано и предвидено во ребалансот е предвидена исплата за ноември и декември.
Издвоивме и дополнителни 200 милиони денари за активните политики и мерки за поддршка на вработувањето за кои има голем интерес, како и за новата мерка за младите вработени во производство за да се симулира производството да стане поатрактивно за младите, и да се задоволи побарувачката на работна сила во производството.
Обезбедени се дополнителни средства во износ од 560 милиони денари како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста Африканска чума кај свињите.
Дополнително обезбедени се средства од 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, а истовремено во Фондот за здравствена заштита алоцирани се 660 милиони денари за непречено остварување на правата од здравствена заштита.
Многу важно е зачувување на Охрид како град на УНЕСКО и затоа за Колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро се одвоени 183 милиони денари.
Исто така многу важно е и откупот на акциите АД ГА-МА за целосна државна сопственост со цел создавање на услови за дистрибуција на гасот од страна на државата.
Со ребалансот се предвидени и средства за проектот Мој ДДВ кој започна во јуни годинава, со кој 15% од платеното ДДВ се враќа на граѓаните. Оваа мерка се очекува да влијае врз даночната евазија и сивата економија. Исплатата за првиот квартал од лансирање на мерката ќе биде извршена во декември, додека во текот на следниот месец ќе дадам предлог за промени на мерката и мобилната апликација кои наскоро ќе бидат споделени со јавноста.
На крајот би сакал да истакнам дека буџетот е во добра кондиција. Имаме добра наплата на приходите.
Вкупните приходи во периодот јануари-август 2019 година се реализирани во износ од 130,3 милијарди денари. Ова е раст од 7,2% во однос на истиот период лани и 61,8% во однос на планираните за 2019 година.
Вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот јануари-август 2019 година се реализираа во износ од 139,4 милијарди денари, што претставува 60,9% во однос на годишно планираниот износ. Буџетските обврски редовно се сервисираа, како по основ на плати и пензии, надоместоци за социјална и постојана помош, парични надоместоци за невработени, блок дотации до општините, отплата на преземени обврски и камати итн.
На крајот ќе сумирам дека преку спроведување на вистински фискални политики преку Буџетот, Владата има за цел да понуди подобри услуги кон граѓаните, да го поддржи стопанството и економскиот раст што сето ќе резултира со повисок животен стандард и подобар живот за граѓаните.“