Министерот за култура, Адеми: Предлог-буџетот за 2019 е за континуирано реформирање на културата и нејзина децентрализација

Министерот за култура Асаф Адеми денеска на прес-конференција во Владата на Република Македонија го претстави Предлог-буџетот на Министерството за култура за 2019 година. 

На почетокот на прес-конференцијата министерот Адеми подвлече дека основна заложба и визија на Министерството за култура е тоа да биде отворено за граѓаните и да им служи на културните институции и културните работници во земјава. За таа цел како и досега така и наредната година ќе се продолжи со реализацијата и исполнувањето на реформите, зацртани во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018 - 2022 година, со посебен акцент на спроведувањето на основната заложба за нула толеранција за злоупотреби во Министерството за култура, но и во сите институции од областа на културата.

Предлог-буџетот на Министерството за култура за 2019 година, изнесува три милијарди сто четириесет милиони и 216 илјади денари ( 3.140.216.000 денари), средства од кои за Буџетот на самото Министерство за култура се наменети 215 милиони и 50 илјади денари (215.050.000 денари), а за Буџетот за финансирање на дејностите од областа на културата се наменети 2 милијарди, 925 милиони и 166 илјади денари (2.925.166.000 денари), што значи дека нешто повеќе од 92% од планираните средства од вкупниот Буџет на Министерството за култура се предвидени за финансирање на дејностите од областа на културата, додека околу 8 % се предвидени за трошоците на администрацијата на самото Министерството.

Адеми потенцираше дека во Предлог-буџетот за следната година, има зголемување на средствата во делот на културните активности и тоа за 32 милиони денари односно 32 проценти повеќе споредено со претходните години. Тој додаде дека со овие средства ќе се обезбедат услови за квалитетни културни содржини од сите области на културата кои ќе бидат дисперзирани низ целата земја со што ќе се обезбеди реализација на една од стратешките цели, а тоа е достапност на културата до сите граѓани. За Агенцијата за филм пак, за разлика од минатата година во Предлог-буџетот се предвидени 170 милиони денари, што е зголемување од над 13 отсто во однос на минатата година, а за 13 отсто се зголемени и средствата за Фолклорната и сценско-уметничката дејност.

Тој додаде дека со цел стимулирање на авторите, граѓанскиот сектор и невладините организации и здруженија од областа на култура во креирањето на културните политики во земјата со ребалансот на Буџетот, беа обезбедени средства за нов тематски конкурс, насловен Млади Европејци. Со Предлог-буџетот за следната година пак, за реализација на сличен конкурс предвидени се средства во висина од 10 милиони денари. 

Како дел од Стратегијата за културен развој 2018-2022 и Стратегијата за рамномерен културен развој во руралните општини, во Предлог-буџетот за 2019 година се предвидени 125 милиони денари за капитални дотации за ЕЛС. За таа цел, како што посочи Адеми, ќе биде објавен конкурс за Едниците од локалната самоуправа со јасни приоритети и критериуми, а јавноста транспарентно ќе биде информирана за резултатите од конкурсот. 

На денешната прес-конференција, министерот информираше и дека со предложениот Буџет за 2019 година, во делот на капитални инвестициони проекти, планирана е реконструкција на објектите на ЦК Гостивар, на театарот во Куманово, на театарот во Прилеп или доградба на објектот на ЦК Прилеп за потребите на театарот, реконструкција на ЦК Кочани (втора фаза), на кровот на стариот дел од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје, за реконструкцијата на објектот на Албанскиот театар, за изградбата на објектот на Театарот и библиотеката во Тетово, за Театарот во Струмица како и за реконструкција на други објекти од областа на културата. 

Зголемување на Предлог-буџетот за 2019 година има и во средствата наменети за исплата на платите на вработените во Министерството за култура, како и во установите од областа на културата во висина од 5% од месец септември 2019. Обезбедени се и средства за 80 нови вработувања во НУ Ансамбл на албански ора и песни, и 27 за новоформираниот Гостиварски театар.

Министерот за култура подвлече дека негов главен приоритет останува новиот Закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на РМ, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе бидат остварени условите за потпишување на Колективниот договор во културата. Средствата потребни за остварување на овој договор пак, дополнително ќе бидат обезбедени по спроведените анализи од страна на стручните служби на Министерството за култура и претставниците на репрезентативен синдикат.

Министерот за култура Асаф Адеми на крајот на денешната прес-конференција истакна дека како и досега, така и во наредниот период Министерството за култура посветено ќе продолжи со реализација на заложбите за напредување на културниот развој, со реализација на зацртаните проекти, како и со дисперзија на културата и нејзина достапност до сите граѓани во нашата држава.