Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска, денеска на прес-конференција соопштија информации за штотуку изгласаниот ребаланс на Буџетот на владина седница.
Во продолжение ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Заев.
„Денеска заедно со новата министерка за финансии, Нина Ангеловска ќе ви ги соопштиме деталите од ребалансот на Буџетот кој штотуку беше изгласан на владината седница и секако ќе биде проследен понатаму во собраниска процедура.
Ребалансот на буџетот има за цел да се алоцираат средства онаму кадешто ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти.
Развојната компонента на Буџетот е нагласена и со овој ребаланс.
Домаќинското раководење со јавните финансии продолжува. Особена чест и задоволство ми претставува што уште една млада и успешна жена ќе раководи со овој сектор.
Со ребалансот ќе следува распределбата на уште повеќе пари кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање на нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за севкупните работници во нашата земја.
Градиме почитувани граѓани силна економија која отвора шанси за сите. Вложуваме во луѓето, зашто за економија се најважни луѓето, односно мотивацијата и ангажманот на граѓаните.
Со реализацијата на економските развојни политики следува забрзување на економскиот раст што очекуваме да се потврди во вториот квартал на 2019, но посебно и во третиот и четвртиот квартал во 2019 година. Поради интензивирањето на економските активности, Министерството за финансии ја ревидираше проекцијата на растот и истата ја зголеми од 3.2 на 3.5%, тоа беше уште од порано соопштено.
Вкупните приходи со ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година се планирани на ниво од 210.5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228.3 милијарди денари.
Во овие рамки на планирани расходи и приходи, дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со основниот буџет, односно истиот е со позициониран износ од 17,7 милијарди денари, односно 2.5% од БДП.
Буџетот и со овој ребаланс продолжува да дистрибуира повеќе пари кај граѓаните.
Предвидени се дополнителни 200 милиони денари за активни политики и мерки како поддршка и за вработувањето, особено за поддршка на младите за нивното вработување во производството, но и во севкупните подмерки за самовработување пред сé на младите луѓе.
400-тини милиони денари за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за претпријатијата кои ќе ги зголемат платите на своите вработени до 100 евра. Со оваа мерка се сузбива сивата економија и давањето плати во кеш. Со оваа мерка ќе расте приливот во пензискиот фонд, што секако претставува услов за иден раст на пензиите.
183 милиони денари за Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро согласно потребите за УНЕСКО и природните потреби за заштита на Охридското Езеро.
Поголем трансфер од Буџетот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, тоа е дел од реформата којашто почна минатата година и тоа е согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеност во државата.
Одличните економски резултати што ги постигнавме во првиот квартал од 2019 година ни даваат за право да очекуваме солидни резултати и во вториот квартал, секако во вториот квартал за нешто послаби од првиот квартал заради претседателските избори, но секако трендот на раст да продолжи со очекување и во третиот и во четвртиот квартал да имаме уште подобар и позабрзан економски раст во државата.
Според Анкетата на работната сила бројот на вработени лица е зголемен за 5.3% односно за 39 илјади и 500 лица во првиот квартал 2019 година во споредба со првиот квартал 2018 година, при што најголем раст на вработеноста има во преработувачката индустрија, транспортната и информатичката комуникациската дејност.
Растот на вработеноста е придружен со пад на невработеноста, со што стапката како што соопштивме на невработеноста се намали на 17.8% во првиот квартал 2019 и таквиот тренд продолжува позитивно да ги дава резултатите.
Просечната месечна нето-плата во првото полугодие на 2019 е повисока за 3.5%.
Извозот на стоки и услуги во првиот квартал растеше за 15.6% на реална основа.
Растот на економската активност е резултат и на растот на потрошувачката, севкупната потрошувачка од 2.1%.
Реалниот раст на бруто инвестициите продолжи со посилен интензитет и достигна 10% што се должи на растот на инвестициите во градежните работи, поддржани и со поинтензивното кредитирање на корпоративниот сектор.
Градежната активност бележеше раст од 7% посебно во делот на нискоградбата и изградбата на патишта.
Растот во индустрискиот сектор од 3.4% беше силно поттикнат од растот на преработувачката индустрија од 3.5%. Растот на индустриското производство изнесува 2.7%, а растот на услужната дејност 2.7% со јасно видлив нагласен раст на трговијата.
Овие факти покажуваат дека работата носи раст. Кога вложувате во проекти кои се важни за граѓаните, кога луѓето се мотивирани за работа, кога секој сегмент од општеството станува ангажиран, тоа носи раст и економски напредок.
Раст и напредок носи и мотивацијата на вработените во јавниот сектор, во јавните сервиси кои им служат на граѓаните. Затоа, од 1 септември стапува на сила новото покачување од 5% на платите во јавната администрација, во здравството, во образованието, во градинките, во полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација. Ова значи дека на сите досегашни покачувања, од 1 септември следува уште едно покачување на платите во јавниот сектор за 5%, којашто секако септемвриска плата ќе се плати почетокот на октомври.
На крајот, за делот на субвенциите во земјоделското производство, продолжуваме со раст на субвенциите.
Досега зголемивме милијарда и осум сто повеќе субвенции кај индивидуалните земјоделски производители, но и продолжуваме со интервентните мерки таму каде што е потребно за да ги поминеме цикличните движења. Тоа го правевме во градинарството, во овоштарството, еве сега, земјоделците се исправени пред потребата од делот на лозарството, пред сé во производството на винското лозје. Знаете дека минатата година интервениравме со 1 денар. Синоќа одржавме состаноци и донесовме одлука да ги помогнеме лозарите како лани, па дури и повеќе. Ќе ги следиме сите можности кои што ќе ни стојат на располагање, секако во тековниот период кога ќе почне самиот откуп и ќе ги соопштиме сите наши можности, но од оваа година имаме дополнителна поволност заради падот на севкупните каматни стапки, веќе и исплатата на откупеното грозје ќе се испраќа во готово, со огромен поголем процент, заради тоа што калкулациите кај визбите покажуваат дека ако земат кредит и веднаш тоа го направат тогаш поради поевтините каматни стапки многу брзо лозарите ќе дојдат до самите пари. Истовремено ред е да кажеме дека преговараме и со визбите заради шеќерните единици да бидат на фер распределба, поставени како основ на откупувачката политика.
Почитувани,
Со овој ребаланс, Буџетот ќе биде во функција на брз и силен раст на економијата, вбризгување повеќе пари кај граѓаните и компаниите за раст на платите, за поголема мотивација и се разбира, за подобар живот, тука во нашата убава земја.
Продолжуваме да градиме силна економија којашто отвора шанса за сите во нашата земја.
Ви Благодарам на вниманието и после министерката заедно остануваме на располагање за вашите прашања.“