Министерот за економија, Крешник Бектеши на прес-конференција соопшти дека од денеска стартува вториот јавен повик за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои домаќинствата ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут.
„Со Ребалансот на буџетот, Министерството за економија побара и доби дополнителни средства во износ од 7.000.000 денари за субвенционирање на печки на пелети за домаќинствата. Со ова ќе придонесеме за подигање на јавната свест, за заштеди на енергијата која е скап ресурс и за заштита на животната средина, чија загаденост во есенско-зимската сезона во последниве години создава големи потешкотии. Оваа мерка е и во согласност со владиниот План за чист воздух“, рече Бектеши.
Министерот за економија објасни дека ова подразбираше измена на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, која беше усвоена на последната владина седница, а по објавување вториот по ред јавен повик, право на учество на овој оглас имаат купувачите кои имаат купено печки на пелети во своите домови во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година и кои ќе поднесат барање за искористување на правото на надоместок.
„Во јавниот повик детално се наведени условите и потребната документација за аплицирање и иако е отворен до 12 декември годинава, морам да потенцирам дека доделувањето на поддршката на домаќинствата е по принципот ‘прв дојден – прв услужен’. Затоа би сакал да апелирам граѓаните редовно да ги следат соопштенијата од Министерството за економија за да не дојдат во ситуација да се изложат на непланирани трошоци по исцрпување на средствата, кога веќе нема да можат да си обезбедат надомест на трошоците“, соопшти министерот Бектеши.
Како што е веќе познато од првиот годинешен оглас, Министерството за економија на оние кои ќе ги исполнат условите од огласот ќе им обезбеди поврат на средства во висина од 50%, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност, сѐ до искористување на предвидените средства во Буџетот на Република Македонија за оваа намена. Услов е купувачите досега да не користеле средства од Буџетот на Република Македонија за купување печки на пелети во својот дом. Според проекциите на Министерството за економија, доколку сите апликанти што ќе ги исполнат условите добијат максимален износ на субвенцијата, со оваа мерка ќе се субвенционираат околу 220-230 домаќинства.
„Овие нови 220 домаќинства кои ги очекуваме на вториот повик ќе се придружат на групата од 453 домаќинства кои ги исполнија условите и аплицираа на првиот повик за субвенции на печки на пелети до исцрпување на средствата, за кои е веќе реализирана исплатата на обезбедените 14.000.000 денари. Значи, со овие дополнителни 7 милиони, кои ги промовиравме денеска, Министерството за економија годинава обезбеди вкупно 21.000.000 денари само за оваа мерка. Да потсетам дека годинава беа активни уште две мерки, при што за замена на старите прозорци со нови ПВЦ или алуминиумски прозорци 30 милиони денари беа распределени на 1005 домаќинства, додека за купување и вградување на сончеви термални колекторски системи со обезбедените 6 милиони денари субвенциониравме 517 домаќинства“, нагласи министерот Бектеши.
Бектеши посочи дека средства за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност се предвидени и во новиот буџет за 2019 година, а со новата програма на мерки треба да се стартува во почетокот на идната година.