Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули учествуваше на состанокот со сите клучни засегнати страни за дефинирање на предлог- граници и зони за формирање на заштитено подрачје Осоговски Планини.
Истакнувајќи дека заштитените подрачја се приоритет на Министерството, не само во рамки на овогодинешната програма за зачувување на природата на Македонија, туку и во Стратегијата за заштита на природата и Стратегијата за заштитата на биодиверзитетот, заменик министерот Макрадули ја поздрави иницијативата на градоначалниците од Источниот плански регион (ИПР) кои го препознааа и прифатија предизвикот да ги прогласта Осоговските планини за заштитено подрачје, тврдејќи дека реализацијата ќе има исклучително позитивен придонес во зачувувањето на природата во државата.
- Верувам дека, благодарение на Програмата за зачувување на природата на Македонија, ова ќе претставува уште еден голем успех, резултат на соработка на различни институции и чинители и очекувам дека веќе во 2019 година ќе можеме да се пофалиме дека Осоговските планини се прогласени за заштитено подрачје. Заедно со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје, ќе се зголеми процентот на заштитени подрачје во Македонија, ќе се унапреди имплементацијата на Стратегијата за заштита на природата и Стратегијата за заштита на биодиверзитетот, а сето тоа ќе биде во прилог на исполнување на условите од конвенциите и таргетите на Европската Унија за заштита на природата - истакна Макрадули во своето обраќање.
Тој додаде и дека преку Програмата за зачувување на природата на Македонија - фаза 2 ќе биде промовиран и концептот на за екосистемски услуги, односно генерирање на финансиски средства преку подобрување на поврзаноста меѓу заштитеното подрачје и оние кои ги носат одлуките, како локалната самоуправа, Владата, или бизнис заедницата.
Обраќање имаше и Николчо Илијев - претседател на Совет на ИПР и градоначалник на општина Кочани кој изјави:
- Она што го дала природата треба одговорно да се користи и сметам дека природните реткости треба да се заштитат за да останат за идните генерации. Ова е долготраен процес и затоа сме овде да дебатираме и да побараме поддршка од институциите, со крајна цел да ги прогласиме овие подрачја за заштитени подрачја.
Активностите за прогласување на Осоговските планини се спроведуваат во рамки на Програмата за зачувување на природата на Македонија - фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а ги реализира Македонското еколошко друштво во партнерство со Министерството за животна средина и мпросторно мпланирање и локалните самоуправи.