Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска присуствуваа на потпишување на договор помеѓу директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер, и директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски, за изградба на фотонапонска централа Осломеј.
Најавивме економска година, и од тој аспект, ова е прекрасна прилика да таа економска година ја ставиме во функција“, рече премиерот Заев на почетокот на своето обраќање по потпишувањето на договорот.
Инвестицијата влегува во еден од најзначајните сектори, енергетиката, каде што, како што појасни премиерот Заев, имаме најголем потенцијал за дигање на бруто домашното производство, но секако и сериозен потенцијал да го покриеме недостатокот на енергија во Македонија.
Исто така, тој го потенцираше и еколошкиот карактер на овој проект, затоа што сонцето е единствениот ресурс кој ќе се користи во произведувањето на електричната енергија.
„Значајно е што државата го повлекува првиот чекор, од она што следува, од преку 200 мегавати нови инвестиции во фотоволтаици или фотонапонска мрежа, којашто на повеќе локации низ државата, под раководство на министерството за економија, вицепремиерот Анѓушев и мојот кабинет, односно советниците за енергетика, подготвуваме неколку локации за јавно-приватно партнерство за 200 мегавати, и давање под концесија за сите заинтересирани кои ќе сакаат да инвестираат во ваквите енергетски обновливи извори на енергија“, појасни премиерот Заев.
Овој заем, како што појасни премиерот Заев е прв за ЕЛЕМ без државна гаранција и за него важат целосно пазарни параметри.
„Ова претставува пример како еден скоро заборавен објект, ТЕЦ Осломеј полека ќе го претвориме од загадувачки објект во еколошки објект, кој ќе произведува чиста електрична енергија. Ова се само првите 10 мегавати, за кои потпишуваме договор за финансирање, за да бидат изградени. Таму ќе продолжи градењето и во наредните години со повеќе инсталирана моќност до 30-40 мегавати, како што е предвидено во инвестиционата програма на ЕЛЕМ“, потенцираше вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Оваа влада, рече вицепремиерот Анѓушев, согласно законот за енергетика, со кој се отвори простор за инвестиции во обновливи извори на енергија, ќе биде посветена за инсталирање колку што е можно повеќе мегавати инсталирана моќност во обновливи извори на енергија.
Ние како држава немаме нафта, немаме гас, јаглен уште ограничени резерви, она што го имаме како неисцрпен извор е сонцето кое до сега, како што појасни вицепремиерот Анѓушев, беше искористено само за 16 мегавати.
Тој во своето обраќање најави владина интензивна офанзива во инвестирањето во енергетиката, споменувајќи неколку од проектите кои ќе бидат инвестирани во таа насока.
„Во првиот квартал на 2019 ќе биде почеток на распишување на тендери до 200 мегавати инсталирани капацитети во фотоволтаици, изградени на државно земјиште, но ќе дозволиме да се гради и на приватно земјиште доколку за тоа некој има интерес или има веќе подготовка. Исто така до крајот на годината ќе распишеме нов тендер со премиум тарифи и за еден ветерен парк до 50 мегавати. Изградбата на далекуводот кон Албанија ќе почне оваа година и ќе чини околу 50 милиони евра. Ќе се испроектира гасоводот кон Грција што ќе значи интерконективно поврзување на Македонија и Грција, со што Македонија ќе престане да биде зависна од само еден извор на енергија. Имајќи ги во предвид само овие проекти имаме инвестиции во износ од повеќе од 250-300 милиони евра во делот на енергетиката“, објасни вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија Крешник Бектеши подвлече дека имплементацијата на проектот „Фотонапонска централа Осломеј“ ќе го зголеми учеството на обновливи извори на енергија во Република Македонија, со што ќе се придонесе за исполнување на стратешките определби на Република Македонија, согласно меѓународните договори за учество на обновливи извори на енергија. Тој истакна дека ова е важна капитална инвестиција од ЕЛЕМ, која се совпаѓа со заложбите на владата но и со новиот закон за енергетика.
„Мора да се каже дека нема да застанеме тука, ова е само почетокот, ние како министерство за економија, во тесна соработка со кабинетот на премиерот и кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, при крај сме со подготовката на тендерската документација за дополнителна инсталација на 200 мегавати што претходната година ги најавивме и очекуваме да почнат аукциите од февруари оваа година“, рече министерот Бектеши.
Тој потенцираше дека освен инвестициите со државните компании, ќе им биде дозволено и на приватните инвеститори да можат да инвестираат во фотонапонски централи.
„Ова е прв проект од фотоволтаично производство на електрична енергија во нашето портфолио, вреден околу 7 милиони евра, од кои 5,9 милиони евра се кредит од ЕБРД, а остатокот се средства на АД ЕЛЕМ“, појасни директорот Миновски.
„Просечното годишно производство би требало да изнесува 15 гигават часови, доволно за да задоволи 2000 домаќинства, појасни тој, и додаде дека ова не е важно само за АД ЕЛЕМ, туку има и социјален аспект и важност по заштита на животната околина“, појасни директорот на ЕЛЕМ, Горан Миновски.
Директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер во своето обраќање истакна задоволство од потпишувањето на договорот, со како што рече, ЕЛЕМ - една од најдинамичните и најпромислените енергетски компании.
Според него, оваа инвестиција го отвора пазарот и за приватниот сектор, и дава можности и за локалните бизниси.
Тој, во своето обраќање посебно ја истакна улогата на владата од значајниот тендер за соларна енергија, кој што претстои а го води заменик претседателот на владата, Кочо Анѓушев, а како што рече, тоа ќе покаже како со искористување на приватниот сектор може да се испорача чиста и евтина енергија за граѓаните на овој регион.