Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати на почетокот на седницата за усвојување, донесување и прогласување на уставните амандмани и на Уставниот закон, којашто почна со Утврдување на предлог амандманите 33, 34, 35, 36 на Уставот на Република Македонија.
„Имавме инклузивен процес“ оцени премиерот Заев кој се заблагодари на пратениците од сите партии и пратенички групи, од владејачката коалиција, од Беса и од Алијанса на Албанците, на 8-темина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и на пратеникот Панчо Минов, кои, како што рече, дадоа придонес, се вградија во амандманите и во процесот и „го потврдија и верифицираа македонскиот идентитет“, за разлика од други кои тоа не го направија. Премиерот Заев се заблагодари на Алијанса на Албанците и на Беса за нивниот придонес во изградбата едно општество за сите и изрази очекување дека конечните одлуки на БЕСА ќе останат позитивни.
„Граѓаните ќе ви бидат благодарни“, порача при тоа премиерот Заев.
Тој посочи на заедничката одговорност „да ги поведеме нашите граѓани кон безбедна, стабилна, економски силна, заедничка држава“.
Премиерот Заев порача:
„Како на избрани членови на овој Парламент, директни претставници на граѓаните, но посебно како на одговорни граѓани и личности, ве повикувам да бидеме дел од оние кои ќе ја однесат нашата земја во заедничка подобра иднина. Да бидеме оние кои пишуваат историја и кои нè извлекуваат од минатото. Да бидеме дел од оние кои ќе бидат запаметени во македонската историја, како народни избраници кои ја докажаа својата храброст и одговорност и ја однесоа македонската држава во европското семејство.
Другиот избор е да бидеме запаметени како оние кои ја оставиле татковината во изолација и заборав, оние кои не ја препознале уникатната и единствена шанса за нашата земја. Другиот избор е да ги ставиме партиските и личните интереси на некои политички актери над интересите на нашиот народ и на нашите деца и свесно да ја попречиме иднината на нашата земја и да ја затвориме вратата за ЕУ и НАТО, сигурно со децении“.
Премиерот Заев посочи дека пратениците во Парламентот се дел од историски момент, што повикува на обединување, кое што е потребно како никогаш досега:
„Вашата позитивна одлука овде во Собранието ќе нѐ однесе под знамето на нашата држава кога ќе се крене на јарболот пред седиштето на НАТО во Брисел. Да ги кренеме главите, да се издигнеме над нашите делби и поделби за да гледаме како гордо се вее нашето знаме, таму пред НАТО во Брисел“.
Претседателот на Владата, Заев укажа на очекувањата и од светот:
„Светот гледа и очекува дека вие, како претставници на гордите граѓани на нашата земја, ќе покажете државничка одговорност. Вашиот глас е глас за полноправно членство на нашата земја во НАТО за помалку од една година. Вашиот глас ЗА, нѐ става во европското семејство на нации во Европската Унија. Секој глас против е глас за изолација, несигурност и сиромаштија, за нови политички кризи и поголема неизвесност дури и од оние кризи од нашето минато“.
Премиерот Заев во обраќањето рече дека потпишаниот документ на 17. јуни минатата година, во Преспа, со нашите пријатели и соседи, „за крај на спор кој цели три децении беше трауматично прашање, носеше сериозни последици и го попречуваше напредокот на нашата земја, а потписите на тој договор се почеток на крајот на неизвесноста којашто се закануваше да биде недогледна, ако не се охрабревме и ако не постигневме решение“.
Премиерот Заев додаде дека се работи за достоинствено и прифатливо решение подеднакво за двете страни:
„Имаме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, македонско, како дома, така и во странство, преведено без ограничувања на сите јазици во светот, македонски идентитет за севкупна употреба, конечно. Грција повеќе не го оспорува нашето право за себе определување. Македонскиот јазик ќе се користи слободно секаде, во Обединетите Нации, во НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Имаме договор со јасни обележја на нашата македонска посебност. Имаме договор за јазик и идентитет кои се македонски, од нашата држава којашто ќе носи име признаено од целиот свет, Република Северна Македонија“.
Тој додаде дека „никому ништо не сме му подариле, ниту некој ни одзеде нешто кога се договоривме за географска одредница“.
Претседателот на Владата, Заев потсети на поддршката од целиот демократски свет, затоа што „овој договор е чекорот што нѐ извлекува од минатото и ни ги отвора портите на европско-македонската иднина“.
Премиерот Заев порача:
„Процесот на уставните измени со предложените амандмани треба да заврши со Одлука за измена на Уставот, што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Тој свечен чин ќе биде кулминација на сите наши напори, израз на нашата посветеност, да најдеме решение кое е во интерес на иднината и на граѓаните на нашите две земји“.
Тој потсети на важноста на одлуката што ќе ја донесат пратениците во Собранието.
„Вашата одлука на крајот на оваа седница нѐ ставаат поблиску до чинот кога ќе го потпишеме Протоколот за пристапување во НАТО. Ние ќе бидеме 30 членка во НАТО. Нашиот пријател Грција, ќе биде првата земја којашто ќе го побара тоа“ рече премиерот Заев кој додаде и дека исходот од оваа седница ја прави огромна извесноста дека во јуни оваа година, на датумот којшто е утврден за старт на преговорите со Европската Унија - ќе ги отвориме првите поглавја“.
Претседателот на Владата, Заев рече дека „после решавањето на спорот со Грција, нашата земја веќе нема да има ниту едно отворено прашање со ниту еден сосед“, дека шириме таков дух, такво пријателство, со сите соседи, дека на нашата земја се гледа како на пример за решавање спорови, што нашите пријатели го препознаваат и ни оддаваат признание во меѓународните односи, како земја со став, земја учесник, а не само набљудувач и како земја партнер на сојузите со коишто делиме исти вредности, НАТО и на ЕУ.
„Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите, на којашто граѓаните се горди“ порача во обраќањето во Парламентот вечерва, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.