Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев одговараше на повеќе прашања на новинарите на прес-конференцијата посветена на усвојувањето на уставните измени во Собранието на РМ.
Во продолжение на ова соопштение, ви ги пренесуваме одговорите на сите прашања во целост:
Господине Заев, рековте дека сега е време за работа дома и го нагласивте правниот систем. Дали со тоа гарантирате дека тука се става крај на сите пазарења, амнестии и на сите компромиси што се кога е во прашање високата цел како што се ЕУ и НАТО?
Премиерот Заев: Правниот систем веќе испраќа сериозни пораки на враќање на правото во државата. Затоа и по цена на политички ризик тргнавме преку политичкиот систем. Преку владата и парламентот. Амнестијата таму ја донесовме. Знаете дека тоа носи одговорност. Тоа значи и негативни поени за политичарите. За мене, за владата, за оние коишто го отворивме процесот. Но, не дозволивме да се чепне во правниот систем. Во целата оваа постапка јас сум убеден дека може да се изнајде, да се издигне како феникс нашиот правен систем зашто ги знам законите што ги донесовме и законите што се во подготовка. Знам, исто така, дека и тие не се доволни. И зависат од секој поединец во правосудството, во обвинителството и во судството. Ги охрабрувам да делат правда. Не треба да му „учинат“ ништо на Заев, ниту на власта, оваа или било која друга. Да делат правда. Нашиот систем е поставен доказите да бидат богови во постапката. Ако има докази се потврдува вина. Ако нема докази, никој не е виновен. Не треба никогаш повеќе невини луѓе да одговараат и да лежат во затвори. Секој што се огрешил треба да одговара. Почнувајќи од Заев, па надолу до сите. Јас очекувам и заради економијата, и заради квалитетно општество, и заради животот во Македонија, правниот систем да блеска и да биде на рамниште на правните системи на современите западни земји.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера побара да се распушти парламентот и да се распишат вонредни парламентарни избори кој би се одржале заедно со претседателските. Дали би прифатиле вакво нешто и кој е вашиот одговор во однос на тоа дека ќе го преиспитаат нивното институционално дејствување?
Премиерот Заев: Мојот став го знаете, но еве и денеска го соопштувам. Македонија треба да го искористи овој момент. Пред сè заради нејзината економија, реформите, да го средиме нашиот систем за да бидеме нормална земја. Сите знаат, знам и јас, го знае и господинот Мицковски: Тоа што го бара, моли Бога да не се случи. Но, го бара првиот човек на опозицијата и затоа сериозно ќе размислиме. СДСМ на своите највисоки органи и тела најбрзо што може ќе го отвори ова прашање. Следуваат претседателски избори и е вредно за размислување, затоа што не сакаме да оставиме било каква трага на пренемагања, на уцени, на било што. На Македонија и треба отворена врата, отворен амбиент, чист пат пред себе за да може да напредува и да го искористи тоа. Сите земји што станале членки на НАТО или отвориле поглавја со ЕУ, имале сериозен прогрес. Тука е таа дилема, но јас ја немам и многу често сум дискутирал по ова прашање. Но, бара ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски и затоа ќе го разгледаме ова прашање и штом ќе донесеме одлуки, тогаш ќе го соопштиме.
Господине премиер, јас доаѓам од Солун и сакам да ве прашам дали имате порака за граѓаните што живеат во близина на вашите граници, во Солун. Зошто тие би требало да го прифатат овој договор? Многу луѓе се за договорот, но исто толку многу не се за договорот. Која е вашата лична порака до нив?
Премиерот Заев: Ситуацијата во Солун, во Грција, е иста како и во нашата Македонија. Јас зборувам и за горчината од оваа одлука, но и за придобивките, за големината и за гордоста за самата одлука. Сакам да испратам сериозна порака до пријателите во Грција. Нашиот парламент смогна сили. Не беше лесно, но донесовме одлука со огромна надеж за иднината. Верувам дека и грчкиот парламент ќе смогне сили, и ќе донесе одлука. Но, многу поважни се граѓаните. Прво добиваме еден нов пријател, а и Грција добива пријател, Северна Македонија. Во вакви околности тоа отвора огромни перспективи за сите. Имаме договор за пријателство и за стратешка соработка. Грција повторно станува највлијателната земја во регионот. Овој договор придонесува за траен мир и стабилност и за економски просперитет во целиот регион, а и за самата Грција. Само во 2018 година, трговијата меѓу нашата земја и Грција е зголемена за 18,7 %. После гласањето во грчкиот парламент, овие проценти ќе пораснат. Економијата ќе расте, ќе имаме соработки, ќе има нови пријателства меѓу граѓаните на двете земји. Од Грција ќе доаѓаат во Гевгелија, Скопје, Кавадарци, Прилеп, Битола... Ние ќе одиме таму. Сето тоа носи предност, носи подобар живот., носи перспектива. Затоа да се радуваме на овој договор затоа што тоа е договор за пријателство, и модел за изнаоѓање решенија за вака чувствителни прашања.
Веќе неколку пати го споменавте името Северна Македонија. Дали треба да го спомнуваме и ние?
Премиерот Заев: Го кажав името неколку пати за да слушнат граѓаните прво од премиерот за да и дадеме значење на одлуката што вчера ја донесе парламентот. Договорот стапува на сила откога ќе биде ратификуван и во грчкиот парламент. Примената е јасно опишана во Договорот. За меѓународна употреба стапува веднаш, за домашна употреба стапува со отворање на поглавјата од преговорите со ЕУ, но не повеќе од 5 години. Тоа е решението што го прифативме. Тоа е решението што ги отвора перспективите на целиот наш народ и на нашата земја.
Зборувавте за економијата, но во идно време. Кога граѓаните ќе го видат фамозниот бројчаник што го најавувате?
Премиерот Заев: Економијата со бројчаникот... не знам колку се соодветни еден на друг, но сакам да потенцирам. Оваа влада кога дојде Македонија имаше минус 1,7% раст. Значи имаше рецесија. На почетокот на 2018 година стигнавме на 0,1%. Сега во вториот и третиот квартал имаме 3,1% и 3% раст. Во февруари ќе се објави растот за четвртиот квартал и очекувам да биде повеќе од 3%. Првото тромесечје во 2019 година, според сите очекувања што ги имаме, ќе биде и до 4%. Економијата заживува. Бројчаникот е поставен заради моето ветување. Досега се вратени некаде околу 500 илјади евра. Сакам да достигне 1 милион, но тоа зависи од правосудството. Зависи од донесени пресуди и од вратени пари назад во буџетот. Тоа што досега е вратено е по пат на спогодби и на признанија. Штом ќе има пресуди и ќе почнат да се враќаат парите, бројчаникот ќе врти. Веќе има замрзнато сметки, како онаа на Дијамед, во висина од 11 милиони евра. Дел во Мароко, дел во Македонија и го чекаат развојот на правниот процес. Има и други судски процеси. Оние од СЈО чекаат завршница, односно правосилни пресуди за да може да се инкасираат парите назад во буџетот. Што, се вратат во буџетот, бројчаникот ќе го забележи тоа.
Претседателот Иванов најави дека нема да стави потпис на новата одлука. Кои се чекорите понатаму?
Премиерот Заев: Фала Богу на новата одлука и не треба потпис од Претседателот Иванов. Вчера парламентот, паралелно со амандманите и со Уставниот закон, донесе одлука за проглас на амандманите и одлука за проглас на Уставниот закон. Тие денеска ќе се објават во Службен весник, и за нив не треба потпис на Претседателот Иванов.
Најавивте многу проекти за 2019,дали очекувате да има поголем раст, меѓутоа меѓународните институции се со многу пониски прогнози од владините. Кои се вашите проекции за 2019 и кога очекувате да се врати довербата на инвеститорите бидејќи целиот овој процес сеуште не е завршен?
Премиерот Заев: Последната година имаме 16 нови странски инвестиции, дополнително имаме 15 мешовити или домашно - странски инвестиции во новиот тренд за медицинското масло од марихуана за лечење со 300 нови вработувања коишто се градат, некои се пуштени во погон, некои имаат веќе сопствено производство. Има 20 нови фабрики во индустриските зони, околу 15 компании во областа на земјоделието, сточарството и слично. Многу земји и инвеститори ја чекаа оваа одлука денеска којашто ја објавуваме односно вчера Парламентот што ја донесе заради сигурноста, безбедноста и извесноста во Република Македонија. Како прво, наговестив сите овие инвестиции што ги очекуваме да донесат свои одлуки. Се надевам дека овој период ќе ги потврдиме. Нашиот раст е проектиран на 3.2 % и сме внимателни при проекциите на растот, но јас очекувам и поголем раст ако успееме да го влијаеме овој бран којшто, сега треба да значи собирање на економски плодови за Македонија после нашето членство во НАТО, односно нашето столче во НАТО коешто уште во првиот квартал го очекуваме оваа 2019 година да се случи, подигнато наше знаме таму додека трае процесот на ратификација по Парламентите на земјите членки на НАТО и отворените поглавја за преговори со ЕУ во јуни месец, сето тоа е охрабрување за инвеститорите. Едно е јасно, Македонија има јасно трасирана иднина, безбеден пат што е отворен, а тоа е првиот најважен предуслов за било кој странски и домашен инвеститор да носи одлуки за инвестирање во Македонија. Во најава се неколку фабрики, дел ги соопштивме. Јас верувам дека јануари, февруари и март дека ќе имаме објави на нови инвестиции пред се странски. Првата странска германска инвестиција најверојатно ќе биде објавена до крајот на јануари додека тие не донесат одлука тоа да го направат. Утрово имав разговор со г-динот Јан Хекер, советник во Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, кој ги пренесе честитките и слично и веднаш лобиравме за една огромна инвестиција којашто овде во регионот бара локација, Македонија, Србија, Бугарија. Се надевам ќе ги привлечеме овде. Канцеларката Меркел сака да помогне и на економски план да почувствуваат граѓаните. Ова се само неколку примери коишто ги кажувам за јавноста да знае на што ги темелиме нашите очекувања. Проектите и прашањата на самите проекти се надминати. Железницата, гасоводот, патиштата и автопатите ќе се градат во Македонија со сериозен интензитет. Сето тоа ми дава за право да верувам дека е можно 4% раст на економијата за 2019 година па и повеќе.
Прво да расчистиме една дилема после вашиот одговор во однос на повикот на Мицковски. Краток одговор, вие сте за предвремени парламентарни избори заедно со претседателските на пролет?
Премиерот Заев: Мојот став го повторувам барем еднаш неделно затоа што политички за СДСМ и владејачките партии е посакувано да има избори. Ги знаеме анкетите, знаеме како стојат работите, ако истрчаме ќе добиеме 4 години пред нас. Тоа за секој политичар и политичка гарнитура е убаво. За Македонија, Македонија може да изгуби. Прво ќе изгуби 3,4, а може и 6 месеци во подготовка и спроведување на изборите, формирање на влада, давање мандати, недавање мандати и сл. Тоа ќе се одрази директно на економијата и може да значи застој во реформите што ќе биде аргументација на земји членки да го одложат отпочнување на преговорите. Но вчера на ваков настан опозицијата којашто цело време го блокира евроатлантското интегрирање на Македонија. Заедно Мицковски, Груевски, Бачев и сите други прават блокада без да дадат алтернатива, знаат и малите деца дека нема алтернатива за Македонија, излегува со повик за избори. Ова е сериозно. Ако ние не го размислиме барем не би биле сериозни политичари и политичка партија. Секако овој повик на вака важен ден вреди да биде размислен во највисоките тела и органи на СДСМ како најголема политичка партија во Македонија, но секако и на коалиционите партнери. Штом ќе донесеме одлука веднаш ќе ја соопштиме.
Второто прашање е во однос на промената на уставното име. Договорот предвидува дека треба нашата држава да ги извести земјите кои веќе не имаат признаено како Република Македонија. Кога треба да се случи тој процес, односно Владата, институциите да ги известат овие држави?
Премиерот Заев: Верувам дека на почетокот на идната седмица со објавувањето во Службен весник денеска да донесените вчерашни одлуки ќе ја испратиме нотата од нашето МНР до МНР на Грција да знаат дека е завршен нашиот процес. Веднаш потоа тие влегуваат во нивниот процес на ратификација на Договорот а веднаш потоа и ратификација на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО. Со тоа стапува во сила Договорот од Преспа. Следува нашата обврска да пуштиме писмо на сите земји во светот за одлуката којашто македонскиот парламент ја има донесено и тоа е дел од обврските во Договорот и ние тоа ќе го направиме.
После сето она што се случуваше во текот на преговорите со Грција, па амнестијата, договорите со политичките партии се чувствувате ли сега како уценет политичар?
Премиерот Заев: Најповеќе не, а и сигурно не, бидејќи се што работевме во Република Македонија работевме максимално транспарентно. Граѓаните ги знаат деталите и секогаш бевме дури на ивицата да го загрозиме процесот на преговори со Грција кога споделувавме сѐ со граѓаните. Целиот процес секој мора да потврди го водевме максимално транспарентно и одговорно знаејќи колку е голема цената за иднината на оваа наша земја, но и колку е горка одлуката што треба да се донесе. Но не е лесно и во Грција, гледате. Тоа само по себе потврдува дека имаме фер и праведен договор. Добар и исклучително само добар за двете земји. Реакциите на двете опозициони партии исто така потврда и во Грција и во Македонија дека буквално се работи за исти придобивки на двете страни. Истовремено целиот овој процес што се случуваше во Македонија го водевме максимално транспарентно и го водевме со политички алатки, не со алатки на правосудството, не со алатки на некои други. Директно, чесно и транспарентно и јасно закон донесовме. Одлуки донесовме што зависат од нас политичарите. Јас знам и сум убеден длабоко во душата ако се помиривме со соседите, еве со Грција со таков чувствителен проблем, подадовме рака и се помиривме. Па може и дома да се помириме. Роднини фаќаме, 1.5 милиони останавме во државата. Можеме да се помириме, секако преку јасна одговорност внатре, преку транспарентно поставени процеси заради тоа што реков дека Законот за амнестија е само почеток на помирувањето. Младите мора да ни се помират, и меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ и меѓу Албанци и Македонци и меѓу градови и села, насекаде. Има брат со брат заради политика не разговараат. Тоа не е здраво и не носи прогрес. Мораме општините да ги здушиме. Има советници коишто се во војна како и ние тука во Парламентот. Зборувам за политичка војна. Ние во раководните структури на општинско и државно ниво испраќаме порака и до нашите млади, до улицата, селата, до градовите како треба да се однесуваат граѓаните. Помирувањето е здраво и ѝ треба на Македонија. Транспарентно ќе го правиме паралелно со сите овие економски реформи и прогрес и сите други реформи коишто ќе се случуваат во Македонија.
Неколку пати дадовте изјава дека сте свесен оти ќе платите политичка цена за ова што го правите. Стоите уште на тоа?
Премиерот Заев: Секако, тоа е оценка на граѓаните. Моја задача е тоа што го правам, го најавувам, транспарентно се прави и граѓаните носат оценка. Тие може да не се согласуваат со Зоран Заев кој отвори еден ваков процес на помирување на пример и тие своето ќе го кажат на првиот мегдан, на избори. Тогаш го кажуваат граѓаните, а денеска во Македонија го кажуваат на сите можни начини, преку вас медиумите, Фејсбук, Твитер, преку сите можни аспекти. Но ќе се согласите дека огромно мнозинство дава поддршка на ова што се случува во државата. 27 години чекавме застанати овде буквално во место додека светот оди напред. Младите ни бегаат секој ден. Задача е да обезбедиме амбиент, ова е дел од амбиентот. Останатиот сами дома мора да го обезбедиме. Пријатели имаме од секаде, но работата што мора дома сами да ја завршиме е наша работа. Политичари кои се за граѓаните и државата носат одлуки, без разлика на политичките поени што ги добиваат или ги губат или ќе ги сменат. Ако државата оди напред, политичари има и ќе има, ќе доаѓаат. Сите ние ја создаваме матрицата на денешното живеење и испраќаме порака кон младите генерации каква земја, какво општество им оставаме. Дали е тоа вредно во нивните размислувања доволно за да останат дома или не невредно за да бидат разочарани па да гледаат само иднина надвор.