Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се обрати пред македонската јавност за ратификацијата на Договорот од Преспа кој вчера беше прифатен со потребното мнозинство во грчкиот парламент.
Својата изјава за овој значаен настан, премиерот Заев ја даде на трибината со граѓаните на Велес со наслов „Силна економија – шанса со сите“, на која со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев, ги презентираа економските политики за 2019 година.
Обраќањето на премиерот Заев за ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, ви го пренесуваме во целост:
„Почитувани граѓани, вие, заедно со граѓаните на нашиот пријател, Грција, со право можете да бидете горди. Вие сте генерацијата која стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот.
Со прифаќање и спроведување на одредбите од Договорот од Преспа, победници се сите граѓани на двете земји, но и граѓаните од целиот регион.
Победници се и оние кои се противеа на Договорот, бидејќи и за нив доаѓа време на просперитет, мир и пријателство, исто како и за прогресивните припадници на народите на двете земји.
Со гордост и со благодарност му честитам на мојот пријател, премиерот Алексис Ципрас, за победничкото гласање во парламентот за Преспанскиот договор.
Упатувам благодарност и на членовите на парламентите на двете земји. На сите храбри жени и мажи кои избраа заеднички да го дадат својот глас со кој победува иднината, глас со кој се стави крај на стравот којшто ни го прикажуваа како несовладлив. Разрешивме спор кој ни го прикажуваа како нерешлив.
Јас и мојот пријател, премиерот Ципрас минатото лето постигнавме договор. Заедно со нашите тимови, предводени од министрите за надворешни работи, дојдовме до точката на откровение: Секоја страна треба да даде нешто, за да може секој да добие многу, многу повеќе, за возврат. Многу повеќе од тоа што го даваме.
Сега имаме верификувано, суштинско пријателство. Од денес тргнуваме со уште поголема сила да ги зближуваме граѓаните и народите на двете земји. Иднината нема веќе да ја гледаме како фатална судбина, туку како заеднички пат поплочен со пријателски намери и со вредности кои произлегуваат од заедничкото европско семејство.
Сите ние добро знаеме дека не беше лесно. Но, беше повеќе од потребно, крајно потребно за двете земји и за двата народи. Нужен влог за децата и граѓаните да ни живеат подобро.
Храбрите граѓани избраа да ги отфрлат сеништата од минатото, и на светот да му дадат Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, место со поврзани соседи и пријателство, зона на економски процут, модел за интеграција.
На Европа и на светот им треба стабилност и соработка за решавање на глобалните проблеми кои се и наши проблеми. Еве ме, штотуку вратен од Давос, Швајцарија, каде заедно со вицепремиерот за економски прашања Анѓушев и со министерот за економија Бектеши, бевме да ги мотивираме инвеститорите на најголемиот Светски економски форум и да потврдиме дека сме подготвени за глобалниот демократски и економски свет.
Бев и лани во Давос, но верувајте сега е многу полесно. Нема кој не слушнал за Македонија, нема кој не знае дека најдовме историско решение со Грција.
Сите знаат дека веќе сме фактор на стабилност и безбедност, дека влегуваме во НАТО и дека сме подготвени за економија.
И токму поради тоа, денес сме со вас, со граѓаните, да зборуваме за нашата македонска економија која станува силна и со која создаваме шанса за сите наши граѓани“.