Средба на премиерот Заев и министерот Манчевски со грчкиот министер Папас: Воспоставено пријателство помеѓу двете земји отвора можности за соработка и во дигиталната сфера

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со  министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска оствари неформална средба со министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми на Република Грција, Никос Папас. 
 
Истакнувајќи дека средбата е резултат на веќе цврстото пријателство меѓу двете земји, премиерот Заев посочи дека освен на политички план, на Република Северна Македонија и на Република Грција им се отвораат големи можности за соработка и во дигиталната сфера. 
 
На средбата беше разговарано за соработката меѓу овие две соседни земји во областа на дигиталната трансформација на јавниот сектор и на економијата, како и за можноста за давање техничко знаење и искуство од Република Грција за Република Северна Македонија.
 
Потенцирајќи дека договорот од Преспа за двете земји отвори нова ера, министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми, Никос Папас рече дека атмосферата е идеална Република Северна Македонија и Република Грција да соработуваат на ниво на нови технологии. А најважно од се, како што додаде Папас, е дека кај двете земји постои голем ентузијам за соработка.
 
Денешната средба беше во рамки на дводневната посета на Република Северна Македонија на министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми на Република Грција, Никос Папас.