Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, народниот правобранител, Иџет Мемети и пратениците Амди Бајрам и Самка Ибраимовски, учествуваше на завршната конференција „Без разлики“, што е дел од проектот „Спречување на дискриминација кон ромските деца“.
Целта на конференцијата беше да се одбележи завршувањето на проектот „Спречување на дискриминација кон ромските деца“, кој е имплементиран од Националниот ромски центар во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, а финансиран од Европската Унија, и да се презентира извештајот „Дискриминација на децата Роми, меѓународна и домашна регулатива, национални политики и институционална поставеност - анализа на случаи од терен“, заедно со документарни видео содржини продуцирани во рамки на овој проект.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев, на отворање на конференцијата:
Ми претставува посебна чест и привилегија да бидам дел од овој значаен настан, во кој со презентација на извештајот „Дискриминација на децата Роми, меѓународна и домашна регулатива, национални политики и институционална поставеност - анализа на случаи од терен“, завршува проектот „Спречување на дискриминацијата кон ромските деца“, финансиран од Европската Унија.
Овој проект завршува, но за нас членовите на Владата, за владините институции, комисиите и агенциите, ова е само уште еден поттик, уште една дополнителна мотивација: Сите ние заедно, вклучувајќи ги и останатите засегнати од прашањата на кои укажуваат проектот и резултатите од истражувањето, со уште поголема посветеност и енергија да се фокусираме на најдобрите одговори на овие прашањата кои што самиот извештај ги тангира.
Особено затоа што овој проект ни укажува сè додека постои и еден регистриран случај на дискриминација, нашата земја и обврски да изградиме едно општество за сите - останува највисоко на нашата агенда, на агендата на Владата на Република Северна Македонија.
Концептот „Едно општество за сите“ ќе биде само пуста желба доколку во заедницата што ја градиме остануваат места што дозволуваат или толерираат дискриминација.
Никој нема да биде дискриминиран, ниту запоставен! Најмалку тоа смее да биде некое дете. Особено не децата од ранливите категории.
Затоа дозволете ми да упатам честитки за проектот. Потребни ни се вакви проекти за да бидеме секогаш будни. Да ни биде секогаш укажано кон што треба да ги насочиме напорите, политиките, решенијата.
Сакам да ве уверам дека фокусирано ги следам сите активности во решавањето на т.н. ”ромското прашање”, затоа што, среќно општество може да изградиме само ако сме сите среќни.
За нас, за оваа Влада на Република Северна Македонија, еднаквите права и достоинствен живот за сите, се искрена верба дека тоа е патот до успешна, заедничка држава и дом за сите, интегрирана држава во Европската унија.
И веќе ги направивме новите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапувањето до вработување, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието и така натаму.
На сето тоа посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во рамките на централната власт и во соработка со општините и со граѓанските организации.
Ќе посочам некои поважни активности:
Во рамките на проектот Инклузија на деца Роми во предучилишните установи во текот на учебната 2017-2018 година, запишани се вкупно 514 деца Роми, во 19 општини во Република Македонија, или 82% од предвидено како цел.
Од април, минатата година, Управата за водење на матични книги отвори процес сите лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени, да поднесат барање за дополнителен упис. Сакам да апелирам до службите за поголема флексибилност, треба да го забрзаме проектот заради тоа што e потребна платформа и база на многу права на граѓаните од ромската заедница, но и граѓани од другите етнички заедници.
12 ромски информативни центри, во 12 општини, работат активно на терен, на информирање, советување, упатување на граѓаните за остварување на нивните права и обврски во социјалната заштита, здравството, домувањето, вадењето лични документи.
Секој ден од годината ни е важен. Сите услови за создавање заедница на еднакви можности и права се битни.
Социјалната реформа што започнавме да ја спроведуваме значи извлекување на околу 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштијата и еднакви шанси за секое дете.
Со овие реформи пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати. Од оваа година детскиот додаток наместо досегашните 3.200 деца, ќе го користат 73.500 деца, а образовниот додаток наместо како до сега, само на 3.800 деца, им следува на преку 64 илјади деца. Овде се работи најмногу за децата од ранливите категории на граѓани или од посиромашни семејства.
Социјалната помош ја зголемуваме, и очекувам до крајот на овој месец законите да се донесат, за 300%, но овозможуваме и полесна активација на невработените на пазарот на трудот. За оваа година издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари за оперативниот план за вработување, заради отворање на што поголем број работни места, и покрај тоа дополнителни 2,2 милијарди денари повеќе од лани за детска заштита и социјална заштита.
Воведуваме европски стандарди на социјална заштита, зашто Европа значи солидарност и социјална правда. Наша обврска е да ги следиме тие принципи.
Европската социјална повелба ги гарантира социјалните и економските човекови права. Унијата вложува во унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани, за да се спречи маргинализацијата од секаков вид.
Силно верувам дека на темелите на овие принципи, можеме да изградиме поубаво, праведно и слободно општество, кое, за жал, долги години наназад државните институции избегнуваа да го прифатат како реална неопходност на нашето општество.
Почитувани,
Одговорноста на оваа Влада, но и на нас сите заедно, е да создадеме иднина во која секое дете ќе има услови среќно да расте и да се развива.
Нашата држава ја подобрува интеграцијата на Ромската заедница, а во следниот период уште позасилено ќе работи на намалување на разликите меѓу заедниците во земјата. Тоа се гледа и преку посебната ставка за Ромите во Буџетот, со средства кои се наменети за најважните четири ресори: образование, вработување, домување и здравство.
За институционална поддршка на борбата против дискриминацијата, за зајакнување на капацитетите, оваа Влада иницираше и формираше Национално координативно тело за недискриминација.
Потребата од формирање на посебно тело за координирање и следење на состојбите со недискриминација е пред сè заради подигнување на транспарентноста во работењето на државните институции во оваа област, за координација на активностите меѓу институциите и здруженијата на граѓани и меѓународни организации.
Комитетот, заедно со сите организации-членки во него, ќе воспостави заеднички приоритети на годишно ниво во оваа област врз основа на меѓународни и други извештаи и анализи, како и низ сопствено, континуирано следење на состојбите во оваа област.
Оттаму, уште еднаш, со упатените честитки за овој проект и за извештајот „Дискриминација на децата Роми, меѓународна и домашна регулатива, национални политики и институционална поставеност - анализа на случаи од терен“, повикувам на натамошно активно учество на сите ромски граѓански организации.
Важна е вашата работа. Важна е соодветната реакција за сите појави на дискриминација.
Алармирајте. Повикувајте ги сите што се надлежни да ги спречат или казнат овие појави.
Дискриминацијата не смее да ја има и не смее повеќе да поминува.
Благодарам!