Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ја прими во посета делегацијата на Република Албанија што ја предводи вршителот на работите министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија Гент Цакај.
Премиерот Заев, посакувајќи добредојде за делегацијата, на средбата истакна дека и со оваа посета се потврдува срдечното пријателство меѓу двете земји, без отворени прашања и со зацртани насоки за зајакнување и проширување на соработката меѓу владите и граѓаните на двете земји. Воедно се заблагодари за ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО во албанскиот Парламент.
Претседателот на Владата на РСМ Заев потенцираше дека Република Северна Македонија и Република Албанија имаат многу бројни заеднички интереси кои се сериозен капитал за градење на долгорочни пријателски односи, со проекти кои се од посебен интерес за граѓаните на двете земји.
Освен заедничките стратешки интереси за членство во Европската Унија, Северна Македонија и Албанија посветено работат за инфраструктурното поврзување на двете земји, кое оваа година треба да добие нова динамика со финиширање на подготовките за старт на работите на железничката линија од Кичево до Лин во соседна Албанија, како и со довршување и конектирање на крак од автопатот Кичево-Охрид со Ќафасан.
Со овие проекти, како и со соработката во сферата на енергетиката, се отвораат дополнителни можности за соработка со економијата, како потенцијал за продлабочување на пријателството меѓу двете земји и нивните народи, од кои произлегуваат и придобивките за нови проекти за соработка и во образованието и културата, рече премиерот Заев на средбата со делегацијата на Министерството за надворешни работи на Албанија што ја предводеше вршителот на работите министер за Европа и надворешни работи на оваа наша соседна земја, Гент Цакај.
Вршителот на работите министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија Гент Цакај, на средбата се заблагодари за можноста делегација да се сретне со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Заев, и го изрази неговото лично, како и задоволството на Владата на неговата земја и на премиерот Еди Рама од извонредните односи и од взаемната поддршка меѓу двете земји кои бележат исклучителен раст во последните две години. Во таа насока, тој на средбата информираше дека албанската влада ги завршува административните работи за старт на работата на Културниот центар на Република Северна Македонија во Тирана, и дека се разгледуваат можностите за отворање на Културен центар на Република Албанија во Скопје.
Вршителот на работите министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија Гент Цакај, на премиерот Заев му го предаде писмото со кое премиерот Еди Рама го поканува премиерот Заев во официјална посета на Тирана, и му ги пренесе честитките за успешната завршница на одредбите од Договорот од Преспа, како и за постапката на ратификација на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО.
Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев, се заблагодари за поканата и најави дека со задоволство ќе ја посети Република Албанија, како земја пријател која ја поддржува Република Северна Македонија низ целиот овој процес, и како земји партнери кои негуваат исти вредности кога е во прашање заедничката иднина на регионот.