Премиерот Заев и амбасадорот Рикер: Партнерството на РСМ и САД во НАТО е од огромно значење за просперитетот на земјата и за стабилноста на регионот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со амбасадорот Филип Рикер, кој како политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на Соединетите Американски Држави, учествуваше на регионалната конференција „Балкан 360“, која со поддршка на германско-американскиот Маршалов Фонд се одржа во Скопје.

Премиерот Заев, посакувајќи му добредојде на амбасадорот Рикер, му честиташе на новата должност, помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, истакна дека за време на неговиот мандат на новата функција Република Северна Македонија и САД ќе го потврдат стратешкото партнерство и ќе останат фокусирани на заедничката соработка и на безбедноста, на слободниот и непречен развој на регионот.

Претседателот на Владата на РСМ Заев на средбата ја изрази благодарноста на Владата на Северна Македонија и народот, за континуираната поддршка што нашата земја ја добива од Америка во сите години наназад, и која беше од особено значење во изминатите две години кога земјата го реши тридеценискиот спор со Грција со Договорот од Преспа кој овозможи чист пат за членство на Северна Македонија во НАТО и сосема јасни перспективи за отворање на поглавјата за преговори со Европската Унија.

Во таа насока, информираше премиерот Заев, Владата на РСМ сега е фокусирана на реформите во правосудството, во борбата против корупцијата, како и во рефрмите на безбедносните служби и јавната администрација за да се остварат обврските дома и за ги почувствуваат придобивките од реформите и граѓаните на земјата.

Премиерот Заев уште информираше и за настојувањата за клучните реформски процеси да се обезбеди соработка со опозицијата и потенцираше дека ќе настојува тој дијалог да го опфати и договорот за заеднички придонес за реализирање на фер и демократски избори за Претседател на Република Северна Македонија.

На средбата стана збор и за регионалните прашања и беше нагласено дека интересите за земјите од Западен Балкан се совпаѓа и со интересот на САД за стабилен регион на соработка во интерес на граѓаните од сите балкански држави.

Амбасадорот Рикер, од своја страна, покажа интерес за спроведувањето на Договорот од Преспа во земјата, како и за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во парламентите во земјите членки на алијансата, и истакна дека му е особено драго што во идниот период ќе може да учествува понепосредно во споделувањето на принципите на северно-атлантската алијанса со Република Северна Македонија како полноправна членка на НАТО и рамноправен партнер на САД и на другите земји членки во алијансата.

Претседателот на Владата на РСМ Заев и амбасадорот Рикер, кој наскоро ќе ја преземе должноста помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, по средбата одржаа и прес-конференција за новинарите, на која одговараа на прашања од интерес на медиумите.

 


Денеска, во Владата на Република Северна Македонија, претседателот на Владата Зоран Заев и владина делегација се сретна со амбасадорот Рикер, идниот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер. По средбата, премиерот Заев и амбасадорот Рикер имаа заеднички изјави за медиумите. Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Зоран Заев во целост:

„Ми претставува посебна чест што ми се укажа прилика да му посакам добредојде на нашиот пријател, поранешниот амбасадор на Соединетите Американски Држави во нашата земја, а во иднина, се надевам многу брзо, и помошник државен секретар на САД, за европски и евроазиски прашања.

Со амбасадорот Рикер, за кој нема потреба да кажам колку добро ја познава нашата земја и регионот, имавме срдечна и успешна средба на која заеднички ги потврдивме досегашните и трајни одлични, пријателски, односи меѓу нашите две земји, утврдени и потврдени со Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година.

Република Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД. Заедно сме фокусирани на нашата заедничка посветеност на безбедноста, на слободниот и непречен развој на регионот во услови на постојана поддршка на демократските просперитети.

Како партнери со заеднички стратешки интереси и како партнери во НАТО, наша заедничка цел е и борбата против тероризмот и екстремизмот, како и заедничките акции во однос на сите други закани за регионот и пошироко.

На амбасадорот Рикер, му ја изразив мојата, и благодарноста на Владата на Северна Македонија и нашиот народ, за континуираната поддршка што нашата земја ја добива од Америка во сите години наназад.

Тоа посебно дојде до израз со охрабрувањата кои дојдоа од највисоките државници на САД во решавањето на спорот со Грција, чија круна е Договорот од Преспа, кои беа од особено значење за откочување на нашите евро-атлантски интеграции, како и за регионалната стабилност и соработка.

Амбасадорот Рикер покажа интерес за спроведувањето на Договорот од Преспа во земјата, како и за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во парламентите во земјите членки на Алијансата.

Скорешното зачленување во НАТО е од огромно значење за безбедноста и сигурноста на нашата земја и за целиот регион, создава услови за економски придобивки, како и за спроведување на реформите во правосудниот систем, во борбата против корупцијата и во реформите на разузнавачките и безбедносните служби како и јавната администрација.

Тоа се нашите задачи за кои Европската Унија, но и нашите пријатели од САД и НАТО, очекуваат резултати, кои ќе ги убедат дека датумот за отворање на поглавјата - јуни оваа година, ќе биде навистина овозможен и сите пречки отстранети.

Тоа е уште една од нашите цели за кои нашиот пријател, Соединетите Американски Држави, ни ја дава целосната и неподелена поддршка. 

Огромно е задоволството за мене и на Владата, за присуството овде на амбасадорот Рикер, како што е задоволството огромно и во целата наша земја.

Благодарам.“