Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски е во официјална посета на Република Албанија.
Премиерот Заев ја почна официјалната посета со средба со албанскиот премиер, Еди Рама. Двајцата премиери имаа тет-а-тет средба и средби на ниво на владини делегации, по што следуваше заедничка прес-конференција.
На прес-конференцијата е изразена цврста определба за натамошен развој на пријателските односи меѓу двете земји на економски план и поддршка во евроинтеграциите.
Премиерот Рама во изјавата го оцени како историско достигнување Договорот од Преспа, што го реши долгогодишниот спор, но го отвори и патот кон НАТО и ослободи позитивна енергија кон заедничкиот пат во ЕУ интеграциите. Тој се заблагодари на премиерот Заев за храброста да се отвори патот на хармонија на меѓуетничките односи во нашата држава. Рече дека Република Албанија во Република Северна Македонија гледа стратешки партнер и на полето на стабилноста на регионот. Зборуваше и за важноста од блиска и олеснета соработка на земјите од целиот регион.
Премиерот Заев, на прес-конференцијата се заблагодари на премиерот Рама, на Владата и на граѓаните на Албанија за топлиот пречек, за брзата поддршка на членството на Република Северна Македонија на НАТО и изрази надеж за европски перспективи на двете држави и зајакнување на билатералната соработка со цел стабилен и просперитетен европски регион.
„Благодарам, од име на граѓаните, на Владата на Република Северна Македонија и од мое име, што нашиот голем пријател, Република Албанија беше третата земја, членка на Алијансата што во брза процедура го ратификуваше во Парламентот Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО. Очекуваме, до крајот на годината, Република Северна Македонија да ви се придружи во Алијансата, како рамноправна 30 земја членка на НАТО.
Но паралелно со овие очекувања, нашите надежи се фокусирани и на јуни 2019 година, за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Јуни 2019 година е важен датум за европските перспективи на нашите две држави, како за Република Северна Македонија, така и за Република Албанија.
За нас, кредибилен пристапен процес значи опстојување на критериумите за демонстрирање демократски зрело општество и врз база на заслуги, односно испорачани резултати во реформите. Ако ние ги исполниме своите задачи, тогаш очекуваме и ЕУ да има позитивен пристап“, изјави премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Заев посочи на важноста на дијалогот во напорите за напредок на државите и на планот на евроинтеграциите.
„Во нашата држава успеавме да ги поставиме темелите на едно општество за сите, а работиме, низ обиди за максимален консензус и со опозицијата на сите реформски закони, потребни за евроинтеграциите“, рече премиерот Заев, посочувајќи дека Рамковниот договор е исполнет и дека се работи на духот на договорот низ градењето едно општество за сите.
„Искуството ни покажа дека дијалогот и разумната соработка меѓу сите чинители во општеството, посебно меѓу власта и опозицијата е тоа што обезбедува пат напред на државата и сметаме дека тоа е начинот сите држави на Балканот да се движат напред и да ја остварат својата индивидуална европската стратешка цел“, посочи премиерот Заев.
Тој испрати порака, како пријатели на Албанија, до сите политички чинители во државата низ дијалог да се бараат решенијата, при тоа имајќи ја секогаш предвид стратешката цел, европските интеграции.
Претседателот на Владата, Заев соопшти дека и по денешната средба со премиерот Рама, и на ниво на владините делегации, зацврстен е заедничкиот став дека има простор да се зголеми соработката меѓу двете држави, како и во процесот на воспоставување економска зона, договорена во рамки на Берлинскиот процес.
„Република Албанија е еден од нашите најблиски пријатели но и партнери, со којшто, убеден сум, дека можеме, а и во таа насока работиме, да осигураме просперитет и безбедност, но и европски перспективи на нашите земји, но и на регионот. Си ја знаеме задачата како политички раководства. Граѓаните очекуваат од политиката да создаде услови за унапредување на економијата и за подобар животен стандард. Отворените интеграции во НАТО, во Република Северна Македонија веќе имаат позитивен ефект. Зголемен е бројот на заинтересирани странски инвеститори“, рече премиерот Заев, при тоа посочувајќи на зголемувањето на странските инвестиции на 625 милиони евра, на БДП-то, на 3,7%.
„Но зголемената економска соработка во регионот е она што очекува да го види Европската унија, каде што целиме. И ако бидеме економски посилни држави, тоа ќе биде аргумент плус во европските аспирации на нашите две земји. Ја унапредуваме и билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. Ги мотивираме бизнис коморите на нашите две земји на уште поблиска соработка. Проектот One stop shop на граничниот премин Ќафасан очекуваме да ја зголеми мобилноста на луѓе и стоки и општо трговијата. А посветено продолжуваме да работиме и на интерконективноста, изградбата патна и железничка инфраструктура, пред се во рамки на Коридорот 8“, изјави премиерот Заев. Тој наведе, како примери, дека се работи на патот Кичево - Охрид, на проектната документација за патот Кичево - Дебар - кон границата со Албанија, железничката линија Кичево - Лим.
„Потребно е да го задржиме фокусот на позитивните демократски промени што водат кон Европа, Република Северна Македонија тоа го прави, а во Република Албанија гледаме и потенцијал и партнер во овој процес на целосна интеграција на целиот регион“, посочи премиерот Заев на прес-конференцијата.
Во одговорите на новинарски прашања, премиерот Заев уште еднаш порача дека независно дали се работи за власта или за опозицијата, потребно е да се води грижа за државата и за европските перспективи. Исто така, премиерот Заев рече дека е даден заеднички акцент на гранични олеснувања и на градење доверба меѓу институциите, за олеснувања на движењето на луѓе и стоки и на процедурите потребни за економски олеснувања и соработка. Премиерот Рама, во одговорите на новинарски прашања, рече дека односите помеѓу двете држави не биле никогаш подобри од денес.
На билатералната средба е разговарано поконкретно за проектите зa соработка во областа на земјоделството, културата, туризмот. Се разговараше и за можноста за одржување втора владина седница, овој пат во нашата држава. Потврдени се одличните билатерални односи меѓу државите.
Премиерот Заев и владината делегација имаа и заеднички ручек со колегите од Албанија, чијшто домаќин беше премиерот Рама.
Во рамки на официјалната посета на Тирана, премиерот Заев и владината делегација од Република Северна Македонија, ќе се сретнат и со претседателот на Парламентот на Република Албанија, Грамоз Ручи.