Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.
На средбата е изразена поддршка за процесот на интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и е истакната важноста од евроинтеграциите, во момент кога земјата бележи резултати на планот на реформите и добрососедските односи.
Заклучено е дека сите во државата треба да се посветат на заокружување на реформскиот процес, посебно во правосудството и на успешни претседателски избори, што ќе ѝ овозможи на државата да продолжи напред.
- Ова се клучни моменти за евроатлантската иднина на државата. Владата го знае својот дел од одговорноста и заедно со сите политички и општествени чинители во државата, вклучувајќи го и дијалогот со опозицијата, мотивира имплементација на реформите, посебно во делот на правосудството со цел добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни, како и успешно заокружување на процесот на НАТО интеграциите, до крајот на годината. Истовремено посветени сме на обезбедување регуларен и успешен изборен процес за претседател на државата и очекуваме сите во државата да го имаат предвид својот дел од одговорноста во овој значаен период за Република Северна Македонија, рече премиерот Заев.
На средбата е разговарано и за поддршката што Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје ја обезбедува на нашата држава, експертска и друг вид потребна помош, во процесот на целосно интегрирањe во НАТО.
- Нашата цел е Република Северна Македонија, низ учеството во мисиите на НАТО, опременоста на Армијата, преку постепеното зголемување финансиски средства за Армијата, да биде достоинствена 30-та земја членка на НАТО, рече премиерот Зоран Заев, на средбата со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, Зоран Јанковиќ.