Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вчера вечер го прими амбасадорот на Руската Федерација во нашата земја Сергеј Баздникин.
Амбасадорот Баздникин на премиерот Заев му врачи копија од нотата на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, согласно која врз основа на одлуката на Претседателот на Руската Федерација, оваа земја го признава новото име на нашата земја - Република Северна Македонија.
На средбата во Кабинетот на премиерот Заев двајцата соговорници ги потврдија заложбите на двете земји за одржување на традиционално пријателски односи низ активен дијалог.
Посебно внимание на средбата беше посветено на поттикнувањето на можности за зголемување на економската соработка, за што како особено значаен податок за потенцијалите говори фактот дека извозот на свежо овошје и зеленчук во јануари оваа година е зголемен за 90%, во споредба со истиот месец во 2018 година.
Во таа насока, интензивирањето на економската соработка се очекува да биде централна тема на наредната сесија на Мешовитата владина комисија за трговско-економска соработка меѓу двете земји која треба да се одржи во Скопје.