Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев својата работна посета на Брисел денеска ја започна со средба со потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини. На средбата присуствуваа и заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заменичка на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Премиерот Заев ја изрази својата лична благодарност за одржувањето на Советот за Стабилизација и Асоцијација во вака значаен период за Република Северна Македонија.
На средбата беа повторени честитките за постигнувањата со Договорот од Преспа, неговата целосна имплементација и придобивките коишто се веќе видливи за сите.
Исто така, на средбата беше поздравен силниот напредок на Република Северна Македонија во исполнувањето на реформската агенда. Владата од потпретседателката на Европската Комисија, Могерини доби охрабрување пред јуни оваа година државата да ги спроведе преостанатите мерки за комплетирање на реформите предвидени со заклучоците на Европскиот совет од јуни 2018-та година.
Учесниците на денешната средба во Брисел се согласија дека успешното спроведување на фер, демократски и слободни претседателски избори е клучно и приоритетно за Владата на Република Северна Македонија. На средбата, исто така беше истакнато дека сите очекуваат конструктивен пристап и учество на опозицијата во изборите, како и во реформските процеси.
На средбата на владината делегација, предводена од премиерот Заев со високата претставничка на Европската Унија, беше заклучено дека Република Северна Македонија има големи причини да се надева на позитивни сигнали од сите Европски институции во наредниот период.