Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Самка Ибраимоски придружувани од министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија, Музафер Бајрам денеска имаа свое обраќање на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8ми април.
На овој свечен настан министерот Бајрам за време на своето обраќање истакна дека од круцијална важност е имплементацијата на Националната Стратегија за Роми која ги опфаќа реалните потреби на Ромите во областите на образованието, домувањето, вработувањето и здравството и повика на уште повисока граѓанска свест и одговорност кон потребите на ромската заедница во нашето општество. Исто така додаде дека Владата на Република Северна Македонија, цели да постигне социјална кохезија и еднаков развој и е цврсто определена да гради инклузивно општество со што ќе овозможи целосна социјална интеграција и на Ромската заедница.
Во продолжение на ова соопштение Ви го испраќаме интегралниот говор на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
„Република Северна Македонија, како и целиот свет, на 8-ми април празнува и слави една уникатна традиција, верување и култура. Традицијата, верувањата и културата на Ромите, како значајна вредност во светското но и на македонското културно наследство.
Првиот Светски конгрес на Ромите, одржан на 8 април 1990 година е еден од најважните историски датуми за ромската задница, затоа што со него Ромите добија своја химна и азбука, но и со него, на Ромите, им е загарантирано правото да бидат еднакви во општествата и да ги уживаат сите права, без дискриминација.
За нас, за оваа Влада, целите на тој Конгрес, како и на Европската Платформа за вклученост на Ромите не се само обврска.
Овие цели за еднакви права и достоинствен живот за сите, се пред сѐ желба, да изградиме инклузивно општество во Северна Македонија и инклузивна Европа, а се и искрена верба, дека тоа е патот до успешна, заедничка земја, дом за сите, интегрирана во Европската унија и НАТО.
Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики - токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, е и ден на граѓанската свест.
Затоа, во ова мое поздравно обраќање сакам да повикам и на уште повисока граѓанска свест за потребите на граѓаните Роми во нашето заедничко општество!
И веќе ги направивме првите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието, на што посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините и со граѓанските организации.
На сите нас, од сите националности и вери - ни требаат и образовни и културни права - но потребен е и достоинствен живот. И факт е дека меѓу најзасегнатите за посочените прашања се токму граѓаните Роми.
Подготвена е Програма за распределба на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година за поддршка на имплементација на Декадата и Стратегијата за Ромите за комунални и инфраструктурни проекти, тие се реализираат насекаде во државата.
Активноста е иницирана од страна на Кабинетот на Министерот без ресор, во рамки на работна група која е составена од членови на Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа и Министерството за транспорт и врски.
Овие инфраструктурни проекти ќе се надоврзат на оние веќе реализирани во минатата година во 10 општини кои имаат значителна застапеност на ромската заедница и тоа: Штип, Виница, Шуто Оризари, Делчево, Тетово, Пехчево, Берово, Кочани, Битола и Куманово - реализирани се проекти за подобрување на комунални и инфраструктурни проекти во ромските населби.
Министерството за труд и социјална политика, заедно со Советот на Европа и Европската комисија и заедно со општините, почна проект со цел поддршка на локалниот развој, промовирање добро владеење и јакнење на вклученоста на Ромите на локално ниво.
Важно е политичкото учество на граѓаните Роми во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредување на положбата на Ромите во Република Северна Македонија. Затоа ве повикувам вас, сите вас, почитувани припадници на ромската заедница да се вклучите уште повеќе. Да го дадете вашиот придонес и да го подигнеме и поттикнеме постојано секој друг околу нас. Да бидеме гласни и да бидеме видливи.
Со овие ангажмани се постигнува изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјата.
Толеранцијата е најважниот услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи. Во концептот „Едно општество за сите“ толеранцијата и солидарноста се нашата заедничка вредност.
Во исто време, негувајќи ја толеранцијата и солидарноста, конечно создаваме услови за да им се стави крај на нетрпеливоста, омраза, на тепачките по училиштата, на улиците или стадионите.
Таквите појави не ѝ доликуваат на нашата земја, на едно демократско општество. Задача на сите нас е да направиме сè тие инциденти да бидат изложени на јавност и осудени. И во меѓувреме, да направиме сѐ што можеме, да ги запреме. Да не влегуваме во тој ланец на злото. Наместо тоа, да се слушаме, само така ќе се разбереме.
И Ромите, и сите други граѓани на Северна Македонија, сите мораме да бидеме активни и одговорни во придонесот кон создавањето еднакво праведно општество, и држава која вложува во своите луѓе, држава која е дел од глобалниот демократски свет.
Уште еднаш, драги пријатели мои сограѓани најсрдечни честитки за убавиот празник – Меѓународниот ден на Ромите.“