Едно општество - правично и еднакво
Владата на Република Северна Македонија, водена од потребата за внатрешна интеграција и кохезија помеѓу различните заедници и култури во нашето општество, како и за имплементација на препораките од Советот на Европа посочени во Извештајот на Европската комисија од 17.04.2018 година, ја издвои политиката за „Едно општество“ како една од нејзините суштински столбови. Целта е да ја развиеме нашата земја како едно, правично и еднакво мултикултурно општество коешто се грижи за различностите, ги поддржува универзалните права и обезбедува еднаков пристап до услугите и заштитата за сите граѓани.
Клучни приоритети:
4.1. Недискриминација и еднакви можности
4.2. Рамномерен инклузивен развој и интеркултура
4.3. Родова еднаквост и борба против родово базираното насилство
Недискриминација и еднакви можности
Владата ќе ја информира јавноста за придобивките од новиот закон и механизмите за заштита од дискриминација, со цел да се обезбеди заштита на правата и еднакви можности за сите граѓани во општеството.
Со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, законот ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група граѓани. За првпат се воведува терминот „сегрегација“, како и заштита и спречување на дискриминацијата на лицата со попреченост.
Ќе се известува за реформите во основно и средно образование со цел зголемување на инклузијата во образовниот систем, особено за учениците со посебни образовни потреби, учениците од маргинализирани групи и средини и децата коишто не биле вклучени во настава. Ќе се промовира ревизијата на наставните програми и учебници според концептот на еднаквост и недискриминација.
Владата ќе информира за воведувањето пристапни рампи во јавните и културните установи и за воведувањето знаковен јазик на театарските претстави.
Ќе продолжиме да го промовираме и започнатиот процес на деинституционализација, односно напуштање на нехуманите установи во замена за топла семејна грижа за децата без родители.
Владата ќе информира за унапредувањето на употребата и примената на јазиците коишто ги зборуваат граѓаните на Република Северна Македонија, во согласност со новиот Закон за употреба на јазиците. Владата ќе го промовира воведувањето на изборен предмет Јазик и култура на Ромите, на Бошњаците и на Власите во образованието, како и зајакнувањето на програмата за изучување на мајчиниот јазик во дијаспората, со зголемување на бројот на наставници. Владата ќе продолжи да ги промовира заштитата и унапредувањето на македонскиот јазик којшто го зборуваат граѓаните во Северна Македонија и во дијаспората.
Во рамките на националната Стратегија за соработка со дијаспората, Владата ќе известува за сите активности за соработка на државата со својата дијаспора, за нејзината политичка вклученост, за остварувањето на нејзините граѓански и социјални права и за воспоставувањето културни врски и зачувувањето на културниот идентитет и културното наследство на дијаспората.
Рамномерен инклузивен развој и интеркултура
Владата на Република Северна Македонија ќе ја информира јавноста за проектите во склоп на Програмата за рамномерен развој, којашто преку финансиска поддршка на планските региони и општини, има за цел да развие подобрен воедначен пристап до услугите за сите граѓани во согласност со нивните потреби, без разлика дали живеат во урбани или рурални општини, без разлика на етничката, верската и родовата припадност, на социјалниот статус или на состојбата во којашто се наоѓаат.
Дополнително, Владата ќе информира и за механизмите коишто ги развива за поттикнување на граѓанското учество во утврдување и реализација на приоритетите за локалниот и регионалниот развој, со цел да се обезбеди информираност, предвидливост и поголемо граѓанско учество на локално ниво. Владата ќе ја промовира и децентрализацијата и демонополизацијата во културата, којашто се спроведува преку систематско развивање, планирање, финансирање и реализација на културни програми со двојна цел: достапност на културните содржини од „метрополата“ во внатрешноста, и обратно - поголемо присуство на културни содржини од внатрешноста во главниот град. Владата ќе известува за процесот на реконструкција, санација и адаптација на објектите на националните установи - во 2019 година се планираат реконструкции на повеќе објекти од областа на културата во разни подрачја на земјата, со цел да обезбеди рамномерен и инклузивен развој на културата на целата територија на Република Северна Македонија и да ги доближи уметничките содржини до што е можно повеќе граѓани.
Владата ќе ги промовира можностите и содржините на „Нов културен бран“, преку којшто се нудат механизми за активирање на независната културна сцена. Конкурсот има за цел да ги промовира и да ги стимулира авторите и проектите коишто имаат мултимедијален и интердисциплинарен карактер, а во исто време охрабрува да заживеат и некои напуштени и алтернативни објекти и простори, како и да даде поддршка за мали мобилни проекти во локалните средини, во соработка со здруженија и поединци од невладиниот сектор и локалните културни установи.
Родова еднаквост и борба против родово базирано насилство
Владата на Република Северна Македонија ќе ја информира јавноста за имплементацијата на Стратегијата за родова еднаквост со цел да се постигне еднакво учество на жените во сите сегменти на општеството. Ќе се известува за новиот Закон за работни односи, со којшто се дава еднакво учество на жените и мажите на пазарот на трудот, како и за ревизијата на содржините на наставните програми и учебниците во основно и средно образование од аспект на унапредување на еднаквите можности на жените и мажите.
Владата ќе го промовира и процесот на подготовка и носење на законско решение за родово базираното насилство, со цел да се обезбеди спречување и заштита од сите видови насилство на жените и девојчињата, вклучувајќи го и семејното насилство. Истовремено, јавноста ќе се информира за отворањето нови прифатилишта и за оние коишто се во функција, како и за СОС - телефонот, со цел да се подигне свеста во општеството за пријавување на насилството. Јавноста ќе се информира и за воведувањето стандарди во основното образование, со коишто ќе се цели кон намалување на врсничкото насилство во училиштата.