Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска одржаа работна средба со претставници на бизнис секторот од Струмица и струмичкиот регион.
„Го гледавме примерот за економски напредок на соседна Бугарија преку интеграциите во ЕУ и НАТО. Конечно се прекршија на позитивно работите и за нашата држава. На нашата земја и треба економско зајакнување, а тоа е можно ако приватниот сектор напредува. Така ќе јакне економскиот стандард на граѓаните и економскиот капацитет на државата“, истакна премиерот Заев на денешната работна средба со претставници на бизнис секторот од Струмица.
Премиерот Заев ги повика претставниците на компаниите од струмичкиот регион да аплицираат за финансиските средства определени за поддршка на нови инвестиции и раст на конкурентноста на домашните компании.
„Важно за целата деловна заедница е инфраструктурниот развој. Автопатот Скопје-Штип ќе биде пуштен до крајот на мај. А интензивно се работи и на експресниот пат Штип-Радовиш. Ќе има патни поврзувања преку Вељуса директно до автопатот. Се прават конечните разговори за гасоводно поврзување на општина Струмица со Петрич, Р.Бугарија. Се реализираат 49 патни правци низ државата“, информираше премиерот Заев.
Претседателот на Владата на РСМ Заев порача дека компаниите треба да размислуваат да ги искористат новите инвестициски можности што се отвораат со дејности поврзани со обновливи извори на енергија преку инвестиции во фотоволтаици и во дефицитарни индустриски гранки, како што се производство на стакло и дејности поврзани со производство на вештачки ѓубрива и гранки за финализација на готови производи.
Премиерот Заев рече дека како државна поддршка за развој на приватниот сектор за оваа година се определени 70 милиони евра по сите основи кои компаниите треба да ги искористат.
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Анѓушев ги презентираше мерките за поддршка од Планот за економски раст и рече дека компаниите треба да го искористат ова вистинско време за инвестиции, откако успешно беа решени крупните политички прашања.
„Просекот на економскиот раст во последните 10 години беше 2.7%. Затекнавме - 1.8% раст, а сега во последниот квартал имаме раст од 3.7%. Овој економски раст е генериран од реалната економија и тоа е гаранција дека тој раст е одржлив на долг рок", рече вицепремиерот Анѓушев, и додаде дека Владата за првпат најде начин и средства да го помогне приватниот сектор.
„Оваа година определивме за 47% повеќе средства од околу 70 милиони евра. Вкупно 10 проекти на компании од струмичкиот регион беа поддржани преку Планот за економски раст", истакна Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Анѓушев на работната средба со претставници на бизнис секторот од Струмица и струмичкиот регион.