Владата на Република Северна Македонија пристапува со внимание и сериозност кон комплексните состојби со кои се соочува светското природно и културно наследство во Охридскиот регион години наназад. Долгогодишното лошо управување со регионот и мегаломанските проекти кои беа закана за езерото и националниот парк беа причина УНЕСКО да испрати мониторинг мисија во април 2017 година. Од почетокот на својот мандат, Владата активно се посвети на решавање на проблемите во регионот, во соработка со општините и граѓанскиот сектор.
Оваа предлог одлука, која не е финална, треба да биде стимул за сите институции и за граѓаните да се работи со поголем интензитет за да го зачуваме нашето уникатно светско наследство. Владата смета дека е остварено поместување во исполнување на препораките, и дека крајната одлука треба тоа јасно да го рефлектира.
Преостанува уште работа и во наредниот период фокусот ќе биде ставен на исполнување на останатите препораки на УНЕСКО, и тоа мора да биде остварено бидејќи природното и културно наследство на Охридскиот регион не припаѓа само нашата земја, туку на целиот свет.