Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и претставничката на Европската банка за обнова и развој г-ѓа Анка Јоана Јонеску, на прес конференција во Владата извршија промоција на првиот јавен повик за изградба на фотонапонски електро централи на државно земјиште по принцип на Премиум. Јавниот повик ќе биде објавен на 10 јуни, се однесува на изградба на фотонапонски електро централи со инсталирана моќност од 35 мегавати, а сите заинтересирани инвеститори ќе може да ја подигнат тендерската документација и да аплицираат во рок од 60 дена, по што ќе биде извршено јавно отворање на доставените понуди.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија, е силно посветена на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и дека со донесувањето на Законот за енергетика, се отвора голем простор за инвестиции во обновливи извори, особено во фотонапонски електрани.
„Интенцијата на Владата, преку овој повик, е да се излезе во пресрет на заинтересираните инвеститори, да се олеснат и скусат административните процедури. Владата го определи земјиштето кадешто ќе се градат фотонапонските електрани, ги презема административните обврски за пренамена и урбанизација на земјиштето, а во име на сите инвеститори преговараше за цената на приклучок кон дистрибутивниот систем. На овој начин процедурите кои би траеле до година и пол ќе се скусат на околу половина година, со што ќе се забрза процесот на изградба. Покрај критериумите од Законот за јавни набавки, главниот критериум кој ќе треба да го запазат инвеститорите е висината на Премиум, односно инвеститорите ќе се натпреваруваат на аукција, со негативно поддавање за висината на понудениот Премиум“, нагласи Анѓушев пришто додаде дека очекува голем интерес на јавниот повик и нагласи дека ова е првиот чекор кон изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност до 200 MW.
Министерот за економија, Крешник Бектеши потенцираше дека се донесени сите подзаконски акти во врска со Законот за енергетика и на тој начин е отворено ново поглавје во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија.
„Им овозможуваме на приватните инвеститори да реализираат мулти милионски проекти во енергетиката, а воедно на најпрактичен и транспарентен начин да ги искористиме природните ресурси кои ги поседуваме и да создаваме електрична енергија од сонце, ветер и вода. Освен овој јавен повик, за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 35 MW, во финална фаза на евалуација е и тендерска документација за проектот за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј, со инсталирана моќност од 10 MW, која очекуваме да започне со градба наскоро. Планираме континуирано да продолжиме со изградба и на други нови фотонапонски електрани, во близина на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Разликата помеѓу минатато и сегашноста е што доколку споредиме дека ТЕЦ Осломеј има инсталирана моќност од 125 MW, во иднина само со произодство на електрична енергија од фотонапонски електрани ќе имаме двојно повисоко производство, кое ќе придонесе за намалување на загадувањето и зголемување на производство на електрична енергија“, потенцираше Бектеши.
Европската банка за обнова и развој обезбеди финансиски средства за техничка помош за изготвување на тендерската документација на овој повик, со цел да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори
„Техничката помош, финансирана од ЕБОР е фокусирана на подготовка на второстепеното законодавство и регулаторната рамка која беше неопходна да се спроведе конкурентна тендерска постапка во согласност со Законот за енергетика, за да се помогне на Република Северна Македонија да се достигнат поставените цели за производство на електрична енергија од обновливи извори во ЕУ. Овој јавен повик ќе биде спроведен на транспарентен начин, согласно најдобрите познати преземени практики“, подвлече Јонеску.
На јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани, заинтересираните инвеститори ќе може да аплицираат за изградба на две фотонапонски електрани од по 10 мегавати (една во месноста Азамбегово - Свети Николе и една во месноста Манастирец - Македонски Брод), една електрана со инсталирана моќност од 5 мегавати, две електрани од по 2 мегавати и 6 електрани од по еден мегават (лоцирани во Азамбегово).