Образование за новото време
Владата на Република Северна Македонија ќе развива интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемување на економскиот раст и продуктивноста на трудот и ќе ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места. Наша цел е тој да обезбеди поголема општествена интеграција во етничка, регионална, социјална и културолошка смисла, да поттикнува критичко мислење и активно граѓанство.
Последните резултати од ПИСА тестирањето на учениците во Република Северна Македонија покажуваат дека ни се потребни итни и сеопфатни реформи на образованието. На таа реформа ќе и претходи широка јавна расправа во која ќе учествуваат сите субјекти во образованието, граѓанските организации и професионалните здруженија. Концептот што ќе произлезе од таа сеопфатна расправа ќе започне со имплементација во 2018 година. Користејќи ги туѓите продуктивни искуства и добри практики, ќе градиме сопствен концепт на образование, соодветен на нашите потреби и можности, почитувајќи ги европските стандарди. Ќе дадеме целосна поддршка на наставниот кадар и ќе ја браниме честа, достоинството и автономноста на професијата наставник. Наставниците во Северна Македонија ја заслужуваат таа поддршка, бидејќи без мотивирани наставници нема успешни образовни промени.
Владата ќе води политика за растеретување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование. Ќе ставиме фокус на математичките и јазичните вештини и предмети, важни за развивање на клучните компетенции кај децата. Капиталните инвестиции во образованието, како и анагажирањето на наставен кадар ќе бидат диктирани од потребата за достапно и квалитетно образование на сите деца. Тие инвестиции треба да помогнат во остварување на целта просечниот број на ученици по пара- лелка да изнесува 25 ученици.
Владата ќе ја почитува автономијата на универзитетот и достоинството на професорите, при што државните универзитети ќе бидат целосно одговорни за функционирање на високото образование според уставните и законските одредби. Владата ќе предложи нов начин на управување со универзитетот, што ќе доведе до поефикасен и потранспарентен универзитет.
Економскиот раст ќе го забрзаме и со инвестиции во науката. Владата ќе формира државен фонд за истражување и развој со кој досегашното буџетско финансирање кое е минимално (0,2% од БДП – петнаесет пати помалку од препораките на стратегијата Европа 2020) ќе го зголемиме за 50% во првиот буџет, со цел на крајот на мандатот Северна Македонија да издвојува помеѓу 1% и 1,5% од БДП за истражување и развој.
Владата ќе предложи укинување на екстерното тестирање како проект што предизика голем револт кај наставниците, а создаде вознемиреност и незадоволство и кај учениците и нивните родители. Екстерното тестирање го девалвира целиот напор и труд на наставниците и на учениците во текот на целата учебна година, а не доведе до зголемен квалитет. Ќе воведеме евалуација и тестирања на учениците, но без дополнително внесување на оценки во нивните свидетелства и без казни за наставниците. Вреднувањето на стекнатото знаење ќе се спрове-
дува континуирано. На оние училишта што ќе покажат послаби резултати, ќе им биде дадена помош и поддршка за унапредување на наставата.
Сегашниот опфат на децата од 0-6 години во предучилишно образование, во просек, е само 23%, кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10%. Тоа е недоволно и има негативно влијание врз идниот развој на Република Северна Македонија.
Владата ќе го кофинансира секое зголемување на капацитетот на детските градинки во целата држава. Нашата цел е процентот на деца опфатени со предучилишно образование да се зголеми за 50% во период од 4 години. Владата ќе подготви прецизен План за проширување на мрежата на градинки низ Северна Македонија. Со инвестицијата ќе опфатиме реконструкција и изградба на нови градинки, во голем број на урбани и рурални општини, меѓу кои Струга, Ѓорче Петров, Сопиште, Центар, Аеродром, Тетово, Теарце, Гостивар, Лозово, Карбинци, Чаир, Шуто Оризари и други.
Владата ќе воведе задолжително едногодишно предучилишно образование, како интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование. Ова ќе придонесе за изедначување на децата од различните социјални средини, како и за започнување со елементите на воспитниот процес, којшто во изминатите години исчезна од образовниот систем. Децата треба да имаат еднаков пристап до образованието, бидејќи тоа е клучот за нивниот на- тамошен успех во животот. Овој опфат ќе биде целосно бесплатен за децата во општините кои се подложни на намалување на популацијата и кои имаат неповолен економски развој.
Системот на основно образование во првите 5 години ќе биде само со описно оценување. Дури потоа (следните 4 години од основното образование) ќе се применува нумеричко оценување. На тој начин, децата и наставниците ќе се посветат на квалитетот на знаењето, а не на трката по оценки.
Владата ќе понуди средно образование кое трае две, три или четири години: ќе ги задржиме класичното гимназиско образование и четиригодишното стручно образование, но ќе воведеме и можност за завршување по втора и трета година кај стручното образование. Промената ќе биде во тоа што на пазарот на трудот првите кадри ќе се вклучат по две или три години средно стручно образование, на 17-годишна возраст. Имено, оние кои сакаат да се вклучат на пазарот на трудот не треба непотребно да ги задржуваме во образовниот систем, често со послаби остварени резултати во погорните нивоа на образование. На тие млади луѓе ќе им овозможиме брз влез во стопанството и време за созревање и планирање на сопствената деловна кариера, со можности за подоцнежно дошколување.
Наместо политика на казни, Владата ќе промовира политика на награди и стимулации. Вработените во најдобрите 5% основни и 10% средни училишта, како и наставници чии ученици ќе освојат награда на градски и државни натпревари, ќе добиваат 20% поголема плата во текот на наредните 12 месеци. Училиштата кои ќе бидат во горните 10% според резултатите што ги постигнуваат во својот образовен квалитет, ќе добијат право на свидетелствата да истакнат дополнителни бодови, како училишта со натпросечни резултати.
Покрај задолжителните предмети, во училиштата ќе воведеме слободни активности за поголема креативност. Ќе ги ослободиме наставниците од административните обврски, но ќе бараме од нив да работат со младите на развивање на нивните таленти.
Владата ќе стимулира зајакнување на училишните тимови со стручни лица од различни профили: педагози, психолози, дефектолози, социолози, логопеди, социјални работници и медицински стручни лица (онаму каде што има можности за тоа).
Бирото за развој на образованието ќе се преструктуира и ќе прерасне во Институт за развој на образованието. Ова ќе биде државен образовен „тинк-тенк“ во чии рамки ќе работат повеќе сектори кои постојано ќе дизајнираат истражувања во сферата на образованието, со цел подобрување на квалитетот на образовниот процес.
Владата ќе формира Научно-истражувачки центар за талентирани ученици во којшто тие ќе можат да совладуваат дополнителни знаења, ќе се подготвуваат за државни и меѓународни натпревари и ќе започнат со посериозна истражувачка работа.
Во рок од една година, државни комисии составени од универзитетски професори и поддржани од Министерството за образование и наука, ќе ги евалуираат сите учебници за основно и за средно образование и ќе постават јасни правила кои мора да се почитуваат. Ќе се повлечат од употреба учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несоодветни за возраста на учениците.
Истовремено, ќе спроведеме ослободување на наставните предмети од непотребни и штетни содржини, особено од оние што поттикнуваат агресивност, нетолеранција, омраза и дискриминација.
Најголем дел од учебниците и другите помагала ќе бидат достапни во електронска форма. За оваа мерка Владата ќе стимулира: домашни автори, аудио/ видео производство, продукција на образовни и научно-популарни емисии како училишни материјали со содржини и теми од наставната програма. Ќе ги поттикнеме националните телевизии да одвојуваат термини за емитување на овие програми, кои ќе бидат усогласени со наставните предмети. Со ова ќе се создадат исти можности за квалитетно образование во сите делови од државата.
Владата ќе иницира реформа и преструктуирање на средното стручно образование во соработка со приватниот сектор. На тој начин и компаниите може да учествуваат, програмски и финансиски, во овој степен и вид на образование. На тој начин, стручните училишта за неколку години ќе станат поатрактивни за учениците, особено со можноста за директни вработувања по завршувањето на овој степен и вид на образование. Воедно, ќе промовираме механизми и инструменти со кои ќе ги поттикнеме работодавачите да соработуваат, да инвестираат и да учествуваат во активностите на образованието и обуката. Во таа насока е и мерката за ослободување од данок на добивка до 30% за вложување во развој на образование.
Во целата држава, генерално, очигледна е неусогласеноста на понудата на работни кадри со побарувањата на пазарот на труд. Со изготвување на Национална рамка на квалификации, ќе овозможиме поврзување на студиските програми што ги нудат високообразовните институции со стопанството и со пазарот на труд.
Во изминатиот период универзитетот беше свесно ставен на маргините на општеството, а професорите беа замолчени. Со дерегулација на високото образование, Владата ќе ја обезбеди уставно загарантираната универзитетска автономија, академската слобода, достоинството и угледот на универзитетот.
Ќе ја вратиме автономијата на универзитетот, не затоа што професорите треба да уживаат некакви поголеми привилегии, туку затоа што од универзитетите произлегуваат прогресивните општествени промени и слободарските идеи, таму се проверуваат и се пренесуваат постоечките знаења и се создаваат нови. Затоа, наш императив ќе биде вложување во науката и во академската работа. Владата ќе предложи нов начин на финансирање и на управување со универзитетите. Законот за високо образование ќе претрпи целосна ревизија, со можност за носење сосема нов закон за високо образование, низ широка дебата. Ќе се укинат драконските казнени одредби, што сега се користат за заплашување на универзитетскиот кадар и за ограничување на универзитетската автономија.
Обезбедувањето квалитет на високото образование ќе биде врвен приоритет. Во партнерство со академската заедница, ќе се ревидира системот за универзитетска акредитација и евалуација, согласно европските стандарди и насоки за обезбедување квалитет, со особено внимание на регулираните професии и на професионалното високо образование. Низ призмата на овие стандарди, ќе се преиспита квалитетот на дисперзираните студии и на приватните универзитети, како и нивната општествено-економска оправданост и потреба.
Негрижата за квалитетот на високото образование доведе до хиперпродукција на дипломи, без конкурентни знаења и вештини. Резултатите од истражувањата укажуваат на пролонгирано студирање, несоодветно димензиониран наставен процес и просечен квалитет на студии. Наша обврска ќе биде поддршка на универзитетите и факултетите за да запрат злоупотребите што се прават врз грбот на студентите и родителите.
Владата ќе овозможи правна и оперативна независност на Одборот за акредитација и евалуација, како основни предуслови за исполнување на критериумите за добивање статус на поплноправна членка на ENQA (Европската асоцијација на национални агенции за обезбедување квалитет во високото образование) и EQAR (Европски регистер на агенции за обезбедување квалитет во високото образование).
Универзитетите мора да им се вратат на професорите и на студентите, а не да се користат за политичко и партиско влијание во спроведувањето на нивна наставна, научна и кадровска политика. Време е државните универзитети вистински да се реформираат, но не преку централизација на дејноста и функциите, туку преку подемократско и потранспарентно управување и давање повеќе „власт“ на непосредно засегнатите со процесот на високото образование: професорите, нивните матични институции и студентите. Овластувањата на ректорите, деканите и директорите мора да се подложни на преиспитување, а не како сега да се концентрирани и извршни.
На најдобрите дипломирани студенти ќе им дадеме можност, под менторство на поискусните наставници, да волонтираат како наставен кадар во основното и во средното образование, во период од 1-2 години. Најдобрите студенти мора да се вработат и да се стимулира нивното останување во Република Северна Македонија.
Тоа ќе придонесе за подигнување на квалитетот на наставниот процес и подмладување на наставниот кадар.
Владата ќе го поддржи повторното отворање на лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во земјите од ЕУ. Ќе се води поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста (медиуми, телекомуникациски оператори, државни органи и институции) со посебен акцент на правилна употреба на јазикот уште кај најмладата популација во почетниот образовен процес.
Владата ќе започне изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри.
Исто така, Владата ќе ја заврши изградбата на универзитетскиот комплекс „Мајка Тереза“. Дополнително, Владата ќе гради нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла преку јавно-приватно партнерство. Во Битола, Штип и во Тетово, градовите седишта на државните универзитети, ќе изградиме универзитетски кампуси, преку реконструкција и преадаптација на постоечките објекти, доградба на соодветни нови инфраструктурни содржини и зголемување на капацитетот на постојните домови.
Промените во образованието мора да одат паралелно со подобрување на физичките услови каде што учат нашите деца. Владата, во соработка со единиците на локална самоуправа, ќе предложи решенија за проблемите со основна инфраструктура и греење на училиштата. Секоја година, Владата ќе го дебатира фондот за инвестиции во инфраструктура со општините и ќе донесе одлука за приоритети која нема да се базира на партиски и бизнис интереси, туку на интересите на учениците и наставниците во Република Северна Македонија. Ќе изградиме нови средни училишта во општините Тетово, Куманово, Аеродром и Ново Село.
Владата ќе го воведе системот на доживотно учење по европски стандарди, а делумно со употреба и на европските фондови и програми кои се наменети точно за оваа цел. Со овој концепт ќе настојуваме да изградиме општество кое нуди еднакви можности за пристап кон квалитетно учење за сите луѓе, во текот на целиот живот. Со тоа ќе се овозможи доквалификација, преквалификација во работниот век на граѓанинот, можност за поголема креативност, отворање сопствени бизниси, како и намалување на социјалниот притисок.