Македонската полиција во две одвоени акции заплени 22, 4 килограми хероин, приведени се четири лица
Македонската полиција, во рамки на операцијата „Босфор“ , во соработка со Царинската управа, изминатото деноноќие пресече два канали за недозволена трговија со дрога. Во двете акции се приведени четири лица, а се запленети 22,4 килограми хероин, чија цена на нарко пазарите се движи од 550.000 евра на големо до 3.000.000 евра на мало.
Во првиот случај се пронајдени и запленети околу два килограми хероин скриен во акумулатор, дрога која била наменета за македонскиот пазар. Нарачатели на хероинот биле две лица од Арачиново, против кои е поднесна кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, а истражен судија им одредил мерка притвор во траење од 30 дена. Според министерката за внатрешни работи Горада Јанкулоска за овој случај е карактеристично тоа што дрогата била скриена во исправен акумулатор, при што возилото било во возна состојба.
Врз основа на претходно добиени оперативни сознанија полицијата околу полноќ, на влез во Македонија на граничниот премин „Богородица”, сопрено е патничко моторно возило „Опел Астра” со скопски ознаки, сопственост и управувано од лицето А.Т.(1982), а како совозач било лицето А.Б.(1989), двајцата од скопското село Арачиново.При извршен детален преглед на возилото, во внатрешноста (во долниот дел) на акумулаторот на возилото пронајдена е црна најлонска кеса во која имало непозната кафеава прашкаста материја. Одземените пакувања се предадени на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на МВР, при што е утврдено дека се работи за вкупна маса од 1 килограм и 950 грама хероин. Цената на запленетиот хероин во Македонија изнесува 40.000 евра доколку се продава на големо, а при улична продажба цената на запленетиот хероин може да достигне цена до 200.000 евра.
Јанкулоска информира дека во операцијата „Босфор 10“ која заеднички се спроведува со турската полиција, во контролиран транспорт, во вториот случај, спречено е криумчарење на 20 килограми и 400 грама хероин, наменет за западноевропскиот пазар.
- Дел од дрогата е запленета и задржана во Турција, а другиот дел од дрогата е запленета и задржана во Република Македонија. Транспортот одеше преку Турција, Грција, Албанија и Македонија, изјави министерката Јанкулоска.
Во десетте досегашни продолженија на операцијата „Босфор“ запленети се над 362 килограми чист хероин кој на западноевропските пазари вреди над 15.500.000 евра. Кривично пријавени се четириесетина сторители.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски ја појасни постапката за контролиран транспорт, што Македонија ја има со Турција и потенцира дека се работи согласно меѓуанродни стандарди, согласно кои никогаш не се дозволува целата стока, подвлече, да оди во транспортот, туку се остава само мал дел за да се намали ризикот од губење.
Како што појаснија од МВР, врз основа на претходно добиени оперативни сознанија во 15,30 часот на паркингот спроти Скопски Саем, по преземање на 5 карго пакети со маси и столови кои во Македонија пристигнале од Турција во збирна мешовита стока, лишено е од слобода лицето К.М.(1964) од Скопје, кој управувал патничко моторно возило „Опел Вектра“ со скопски регистерски ознаки. При извршениот претрес на пакетите во внатрешниот дел на масите, спакуван во две проѕирни најлонски кеси откриен е 20 килограми и 400 грама хероин.
Лицето К.М. е добро познат на службите за борба против недозволена трговија со дроги и истиот во минатото има издржувано повеќегодишна затворска казна за сторено кривично дело во врска со недозволена трговија со дроги и поседување на поголема сума фалсификувани банкноти.
Во врска со случајот, денеска до Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ќе биде поднесена кривична пријава против Б.Р.(1960) од Сува река, Косово, како организатор на транспортот, К.М.(1964) од Скопје и мепознатилица од Турција, испраќачи на пратката со хероин за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.
Одземените пакувања се предадени на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на МВР. Цената на запленетиот хероин во земјите на западна Европа доколку се продава на големо е 500.000 евра, а при улична продажба цената на запленетиот хероин може да достигне цена до 2,5 милиони евра.