Слободна и европска култура
Клучните вредности на владината културна политика се слободата на творештвото, еднаквоста и универзалното добро, а најважните движечки принципи се пристапноста, учеството и еднаквите услови и права за сите. Поаѓаме од концептот на културна демократија, која го промовира учеството на сите граѓани во културата и во создавањето на културните политики. Културата мора да има прогресивна општествена функција: да поттикнува, да полемизира, да продлабочува, да критикува, да експериментира, да создава нови вредности. Во европските трендови културата не познава строга контрола од страна на државата. Таа е отворена по својата природа, отворена кон другите култури, отворена кон сите граѓани.
Владата нема да биде авторитарен чинител на културниот живот и главен оперативец во културата, како досега, туку само регулатор на општите рамки на културниот систем и на основните цели на културната политика. Главните носители на културниот живот ќе бидат институциите и организациите од културата, уметниците и сите луѓе со креативна визија.
Владата ќе го преиспита актуелниот модел на финансирање на националните институции и на проектите од национален интерес, ќе ја унапреди застарената поделба на дејности и сектори и ќе го воведе европскиот принцип „arm’s length” во нивното менаџирање. Новиот систем на финансирање ќе ја надмине годишната програма. Ќе се создадат посебни фондови за различните домени во културата, кои ќе добијат јасен и подолгорочен мандат и автономија и целосно ќе ја преземат одговорноста за изборот на проекти. Ќе се примени моделот на комбинирани повици, со фиксни, но и со променливи датуми, од оние за краткотрајни проекти; до подолгорочни, кои имаат потреба од двегодишно или повеќегодишно финансирање (особено за пресретнување на проектите што добиле европска поддршка). Но, истовремено, ќе се преиспита законското решение за финансирање на новоформираната Агенција за филм, со цел да се дојде до праведно решение за сите засегнати страни.
Ќе се воведат нови стандарди на работење - транспарентност, отчетност, непристрасност и ефикасност на сите фактори во културниот систем, особено на националните и на другите јавни институции. Со гарантирање на автономијата во изборот на програмите и проектите, ќе воспоставиме практика секоја одлука да биде изведена врз јасни критериуми и да биде образложена.
Владата ќе настапи со законски и суштински измени за враќање на идентитетот и самопочитта на културните работници и творците во институциите. Фокусот ќе биде ставен на авторите и соодветното валоризирање на нивниот авторски труд. Ќе се зајакне транспарентноста во работењето на колективните организации за заштита на авторските и сродни права, ќе се зајакне контролата над употребата на авторските права и нивното остварување, континуирано ќе се засилува заштитата и на самите автори, но и на корисниците на авторските права кои се под надлежност на министерството.
Владата ќе го стимулира создавањето програми и творештво со врвен уметнички квалитет. Од сите институции и организации, кои добиваат поддршка од државата, ќе инсистираме на развивање планови и стратегии за привлекување на публиката и за подигнување на нејзиниот критериум за вреднување на вистинските квалитети на културните перформанси.
Владата темелно ќе го преиспитува проектот „Скопје 2014“ и неговите политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти. За справување со последиците на „Скопје 2014“ Владата ќе ги повика да се вклучат сите надлежни институции од културата, науката и уметноста. Откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот сторен со и низ оваа гигантска дивоградба, ќе покренеме мерки за ревитализација на централното градско подрачје и Старата скопска чаршија. На тој начин ќе се спречат избрзани, произволни или популистички мотивирани решенија.
Владата ќе изработи стратегија со мерки за санирање на состојбите во заштитата на културното наследство. Ќе извршиме ревизија на проектите од типот на скопско Кале, Плаошник во Охрид, ски-центарот на Галичица, плажата во Лагадин, викенд-населбата во Лазарополе и сл., кои претставуваат директна закана врз културното и природното наследство. Во функција на надминување на постоечкиот волунтаризам во оваа област, по примерот на развиените европски земји, ќе се изготви нов Закон за заштита на културното наследство во кој ќе биде содржана Листа на споменици од национално значење. Листата ќе претставува документ од јавен карактер, достапен на граѓаните. Ќе се воведе систем на задолжително финансирање на спомениците од листата, по принципот на категорија на вредност и степен на загрозеност, без фаворизирање на одредени видови културно наследство. Владата ќе финансира обука на кадри и меритократска кадровска политика во сферата на конзервацијата и на реставрацијата.
Ќе се востановат механизми во законска рамка за валоризација на современата уметност и архитектура како составен дел на листата (според критериуми на вредност, а не времето на градење), со што во иднина ќе се оневозможи рефасадирање на значајни објекти од типот на зградата на Владата, Градскиот трговски центар во Скопје, или старото градско јадро на скопската ул. „Северна Македонија“. Во едно ќе се заштитат Старата скопска чаршија, локалитетот Плаошник во Охрид, старата чаршија во Струга, староградската архитектура во Кратово, Широк Сокак во Битола и Кичевското кале.
Владата ќе формира независно експертско тело кое ќе изврши ревизија на сите нови музеи од аспект на вредноста на збирките и просторно-безбедносните услови на експонирање и нивно чување, како и за развој на музејската дејност во чекор со европските и светските стандарди. Во тој процес, ќе се истакне улогата на музеите во зачувувањето на духовното културно наследство, со фокус на комуникациската улога на музеите и нивната интеракција со посетителите.
Владата ќе изврши трансформација на националните културни институции според јасни и јавни критериуми. Својата годишна програмска дејност Националните установи ќе ја договараат во директни преговори и во соработка со Министерството за култура, без учество на јавни конкурси, но на транспарентен начин, со јавни расправи за предлог-годишните програми.
Владата ќе ги поттикнува локалните власти да донесуваат локални културни политики, да воведат стратегиско планирање и да обезбедат активни програми за културен развој. Тоа ќе го направи културниот систем поефикасен и поадекватен на културните потреби на граѓаните. Новата културна политика на децентрализација ќе овозможи во секоја општина или поголема урбана заедница да се создаде барем еден културeн центaр на заедницата. Ќе се создадат услови и за локален развој на креативни индустрии кои ќе придонесат за економски развој на самата општина.
Новата културна политика ќе биде насочена кон живата култура, независната културна сцена, кон културниот процес и уметничките практики што ги вклучуваат и уметниците и публиката. Поддршка ќе има и за структурните потреби, за продукциските трошоци и за стратегиите за раст и за зголемување на квалитетот на проектите и на организациите. Ќе се поддржат нови продукции, експериментаторски практики и модели на дејствување и воведување добри практики на одржлив раст и работење. Посебно внимание ќе им се посвети на т.н. креативни дејности и културни индустрии. Ќе се следат врвните европски трендови и политики, но истовремено нивната примена ќе биде приспособена на националниот контекст и на карактеристиките на пазарот и публиката во Република Северна Македонија.
Постојано ќе се зголемуваат можностите за создавање креативни претприемачи и нивен пробив на меѓународниот пазар.
Владата ќе обезбеди посебен фонд за промоција на нашата уметност и култура во странство и за суштинска регионална и меѓународна соработка. Ќе се поддржи целосна дигитализација на нашето културно-уметничко богатство (особено постарите книжни изданија, значајни научни трудови и друга периодика).
Владата ќе ја финансира приоритетна листа на ликовни колонии и други манифестации кои најдобро ќе го исполнат јавниот интерес во визуелните уметности, додека во театарската дејност ќе одредува најмалку двегодишен буџет за секој театар со дополнителни модели на финансирање (спонзорство, покровителство, долгорочно донаторство) и механизми за поголемо учество на локалната самоуправа во финансирањето на театрите. Ќе се врати автономијата на одлучувањето и во однос на раководната структура и во однос на програмата. Пресудниот збор ќе го имаат претставничките тела на самиот ансамбл, кои ќе ги носат одлуките врз база на компетентност и предложена програма. Ќе се поддржат гостувањата во странство и ангажирање на меѓународно реномирани режисери.
Владата ќе воведе транспарентност и отчетност во носењето на одлуките кој филм заслужува да биде финансиран од страна на државата. Ќе им даваме поддршка на поголем број режисери и други филмски творци кои ќе можат преку учеството во повеќе продукции да го усовршуваат својот занает и естетика.
Ќе инсистираме на продукции со разумни буџети, со добри сценарија и солидна филмска екипа, кои ќе создаваат естетски вредни филмови. Владата ќе предложи модели за финансиска поддршка на киноприкажувањето, со зголемување на кино-мрежата, но и со поквалитетна филмска програма. Владата ќе промовира нов систем за финансирање на студентски и дипломски филмови, во кои ќе биде вклучена и МРТ, како техничка поддршка за студентските филмови и со одредена партиципација на фондот, со цел тие да стекнуваат искуство и реноме.
Како поддршка на младите и нивен поголем културен ангажман, Владата ќе финансира младински театар, составен од млади и студенти, кој ќе гостува низ целата држава. Оваа активност би поттикнала изградба или сместување во веќе постоечки објекти на младински, мултифункционални центри во повеќе општини и градови каде ќе се организираат јавни настани, театарски и кино претстави, ораторски вечери, изложби и слично.