Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија донесе Правилник за утврдување на распоредот на работното време и за начинот на водење на електронска евиденција на работно време и реализацијата на работните задачи.
Правилникот за електронска евиденција на работно време и прекувремената работа, освен уредувањето на правилата за максимална ефикасност на работното време на службениците, наложува и стручно, професионално, навремено и уредно извршување на работните задачи, особено во делот на сервисирањето на услугите кон граѓаните, кон останатите институции од јавниот сектор, како и кон компаниите.
За исполнувањето на своите работни обврски, службениците во Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, се должни редовно да ги пополнуваат извештаите за работните активности, врз основа на кои ќе се проценува нивното исполнување и ефикасност.
Согласно генералните принципи на Владата на РСМ за отворени, достапни и ефикасни услуги за граѓаните, Правилникот има за цел да постигне поголема одговорност во работењето на службениците вработени во Генералниот секретаријат на Владата.
Системот ќе ја подобри ефикасноста и квалитетот на услугите, а има за цел и да воспостави вредносен, мерит систем, за наградување на административните службеници за дополнителното ангажирање надвор од работното време, за награда за квалитетно извршената услуга во интерес на граѓаните и на правните лица, како и да определи мерки за неисполнување на задачите или за исполнување под предвидените стандарди за ефикасност и квалитет.