Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Антонио Мисироли, помошник генерален секретар на НАТО за безбедносни предизвици. Потоа, премиерот Заев и помошник генералниот секретар на НАТО Мисироли имаа и обраќања на Конференцијата на НАТО во Скопје, за дигитализација на Системот за управување со кризи преку имплементацијата на NICS - Next Generation Incident Command System - NATO SPS NICS Project (Следна генерација на Систем за управување со инциденти) во Република Северна Македонија.
Помошник генералниот секретар на НАТО за безбедносни предизвици, Мисироли, во обраќањето изрази поддршка за евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија. Тој порача дека Република Северна Македонија е добредојдена 30-та земја членка на НАТО, како и дека се надева, дека целосната интеграција, може да се случи до Самитот на Алијансата во Лондон, кога ќе биде одбележана 70-годишнината од основањето на НАТО.
Дипломатот од НАТО, Мисироли ја охрабри нашата земја да продолжи со реформите во областа на безбедноста и владеењето на правото, а најави и практична соработка со Република Северна Македонија и поддршка, каков што е проектот за дигитализација на Системот за управување со кризи преку имплементацијата на NICS - Next Generation Incident Command System - NATO SPS Project (Следна генерација на Систем за управување со инциденти), којшто има за цел побрза размена на информации меѓи институциите, а со тоа и резултати како во мирот и безбедноста, така и во спасувањето животи на граѓаните.
Премиерот Заев изрази благодарност за целосната поддршка на дигитализација на системот за управување со кризи којашто се реализира со финансиска поддршка преку Програмата на НАТО „Наука за мир и безбедност“, без финансиски импликации за институциите во Република Северна Македонија.
„Тоа е посебно ветар во грбот за нас како држава, да одговориме со сериозност во динамиката на реализација на проектот.
Проектот е целосно поддржан од Владата, донесовме одлука на 26.06.2019 година, и ги задолживме сите институции да учествуваат за да обезбедат успешна имплементација пред крајниот рок за реализација.
НАТО значи мир, значи стабилност, значи безбедност за целиот свет, со тоа и за Република Северна Македонија.
И ние, сакам да нагласам на самиот почеток, дека како следна 30-та земја членка на Алијансата, сме сериозни во намерите да бидеме достоинствена членка, со тоа што, со ваша помош и поддршка одговорно се поставуваме во чекор и со најновите и најсовремените безбедносни системи“, рече премиерот Заев во обраќањето.
Тој изрази посебна благодарност до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за НАТО интеграциите на нашата земја.
„Посебно сум благодарен за личниот ангажман на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во конечната реализација на определбата на големото мнозинство граѓани на нашата држава и на сите досегашни влади во нашата земја, Република Северна Македонија да се интегрира како рамноправна членка на најголемиот безбедносен сојуз во светот, НАТО Алијансата. Само пред еден месец имавме голема посета и успешен состанок со Северно-Атлантскиот Совет (НАК) во Скопје.
Иако, како нова земја членка на НАТО ќе се приклучиме формално и целосно се надевам, до крајот на годината, години наназад учествуваме во реализацијата на НАТО целите и мировните мисии.
А денес, оваа Влада, тврдам, го прави потребното, преку Програма за продолжување на реформите, за да постигнеме целосна и фактичка интеграција во НАТО.
Тоа, знаеме дека подразбира и подготвеност на институциите за функционирање на безбедносните и одбранбените системи, согласно највисоките НАТО стандарди“, додаде премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека со владина одлука, на 26.06.2019 година, задолжени се сите институции да учествуваат и да обезбедат успешна имплементација на проектот со којшто се зајакнуваат капацитетите на Центарот за управување со кризи, меѓуресорската координација, соработка и комуникација помеѓу институциите ангажирани на справувањето со инцидентите, кризите и кризните состојби, размената на податоци и информации во форма на текст, слика и видео содржина во реално време. И сето тоа ќе придонесе во донесувањето соодветни одлуки и подготовка на извештаи поддржани со мапи, во согласност со најсовремените стандардни оперативни процедури.
„Утврдивме дека целосната имплементација на проектот ќе се реализира до 01 декември 2020 година, што практично значи дека Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО ќе има современ дигитален систем за управување со кризи. За нас е значајно што преку активностите што ги поддржуваме и преземаме, даваме причини повеќе за поддршка на целосната интеграција на Република Северна Македонија во НАТО“, рече премерот Заев кој дополни дека е задолжен Центарот за управување со кризи, да ги интензивира активностите и за нив редовно да биде информирана Владата, на секои 6 (шест) месеци.