Земјоделските субвенции годинава зголемени за 12 насто, во фокусот на поддршката сточарството и градинарството
Владата ја донесе годинашната Програма за финансиска поддршка на земјоделството вредна 6,23 милјарди денари или 113 милиони евра.
Како што соопшти денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, направени се измени во дизајнирањето на субвенциите кои се поголеми од лани за 12 насто, при што поголем акцент е ставен на сточарството и градинарството.
Програмата содржи вкупно 37 мерки, но секаде се следи стратегискиот правец, да им се посочи на земјоделците кон кои култури повеќе да се фокусираат. Од проектираните средства, 3,49 милијарди денари се за растително производство, 2,3 милијарди се наменети за сточарството, а 130 милиони денари се за органско производство.
- Освен покачување на средствата, додадени се и нови мерки, во сточарството дополнително субвенционирање за задржување женски грла со цел зголемување на основните стада, а во градинарството првпат се прави категоризација по одделни култури врз основа на четири критериуми, цената на семенскиот материјал, технолошката интензивност, трудоинтензивноста и учеството на производот во извозот, истакна Пешевски.
Категоризации има и во преработувачката индустрија, како и во овоштарството, првпат се воведуваат субвенции, два денара за килограм за предадено овошје во индустриските капацитети и 100.000 денари за единица површина произведени јагоди во затворен простор, а се зголемува поддршката во делот производството и употребата на сертифицираното семе и саден материјал, како и во производството на сточна храна и пченка.
- За хектар пченица, рж, јачмен, пченка, ориз, овес, сирак, просо, хмељ, леќа, кикирики, соја, сончоглед, маслодајна репа, афион, шеќерна репа, памук, граор,..., засеана или одржувана површина се предвидени 9.000 денари или шест отсто повеќе, дополнителни 1.000 денари за хектар сточна храна или пченка, за сончоглед и ориз плус 3.000 денари, 50 насто повеќе за домати и краставици и 15 процентно зголемување за пипер и компир, рече ресорниот министер Љупчо Димовски.
Зголемена за 12 насто е и поддршката во лозарството и во овоштарството за одржување на насадите, а за 17 проценти се зголемува поддршката за сертифициран сменски материјал за житни и индустриски култури. Субвенцијата за тутунот останува 60 денари за килограм.
- Зголемување од 15 на 25 денари или 67 отсто има за продаден лозов и овошен сертифицран, безвирусен саден материјал кој очеуваме да овозможи зголемени и здрави приноси, за четири проценти се зголемуваат субвенциите за обележани грла говеда, а се воведува и мерката 1.500 денари за обележано женско грло. Планирана е и дополнителна поддршка 2.000 денари за заклано грло говедо одгледувано од октомври 2011 до април 2012, информира Димовски.
За обележани грла овци поддршката се зголемува за пет отсто, но се воведуваат и нови 700 денари за женско јагне. Се зголемува за шест проценти и субвенцијата за обележани кози и се воведуваат дополнителни 300 денари за обележани женски грла кози. Поддршката се зголемува и во свињарството, во производството на пилешко месо и заклани несилки.
За регистрирано пчелно семејство поддршката се зголемува за 20 насто, од 500 на 600 денари, а набавката на матици максимум до 10 пчелни семејства за 43 проценти, од 350 на 500 денари.
Како дополнителните мерки, за развој на земјоделството, се планирани 35 милиони денари за помош за премии за осигирување, три милиони денари за заштита на земјоделско земјиште, уште толку помош на одредени категории носители на земјоделско земјиште, осум милиони денари за помош во сточарскиот сектор, и 16 милиони денари за воведување повисоки стандарди за квалитет.
Одговорајќи на новинарско прашање, директорот на Платежната агенција Тони Димовски рече дека исплатата на субвенциите се реализира според утврдената динамика и за ланските продолжува годинава. За 2010 година не се реализирани 180.000 евра.
- Не секогаш секој добива поддршка. Потребно е да се исполнат дефинираните критериуми и услови, истакна Димовски.
Владата смета дека се значителни ефектите од досега реализираните земјоделски субвенции и наскоро тоа, најави вицепремиерот Пешевски, ќе го потврди со подготвените конкретни анализи.
Следната програма за финансиска поддршка на земјоделството ќе биде тригодишна. Нејзината прва драфт верзија се очекува да биде завршена до почетокот на мај, а да се донесе најдоцна до септември или откомври.