Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и неговиот кабинет преземаат мерки за зајакнување на ефикасноста и безбедноста во спроведувањето на транспарентната агенда составена од состаноци, настани и комуникации.
Во тек е унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштити на комуникациите на претседателот на Владата.
Како дел од мерките за безбедност и внимателност во дигиталните и телефонските комуникации, во рамки на кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници.
Премиерот направи и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници, врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка.
Согласно најавата за одлучно спротиставување и справување со дезинформации и со напади врз демократијата во земјата, Кабинетот на премиерот подготвува План за одлучна акција против ширење дезинформации чија прва верзија наскоро ќе биде претставена на јавноста, а потоа и консултирана со засегнатите чинители и со стратешките партнери на земјата.
Премиерот Заев и Кабинетот се посветени на унапредување на отворениот и транспарентен начин на работа, во согласност со безбедната употреба на новите технологии и со протоколите кои произлегуваат од современите начини на менаџмент и управување.