Ќе се реконструира фасадата на Домот „11 Октомври“ со средства од концертот Музички земјотрес

Со средства собрани од концертот Музички земјотрес одржан на 30 декември минатата година во СЦ Борис Трајковски ќе се реконструира фазадата Домот за деца без родители „11 Октомври“.

Директорот на СЦ Борис Трајковски Ратко Капушевски на денешната прес-конференција информира дека македонските граѓани со преку 7.270 повици, донирале 363.500 денари, средства кои ќе бидат трансферирани до јавната установа.

- За изведувач на градежните активности ќе биде распишан тендер од страна на Домот „11 Октомври“, кој ќе биде обврзан да го реализира проектот најдоцна до јуни оваа година, рече Капушевски на презентацијата на проектот за реконструкција на фасадата на Домот.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски вели оти ова е хуман гест  за децата од Домот, за кои објектот, како што рече, не претставува само преноќиште, туку топол дом и катче во кое го поминуваат најголемиот дел од своето детство.

- Сите ние покажавме и докажавме дека секогаш и во секоја прилика може да бидеме хумани и да им помогнеме на оние на кои навистина им е потребно, во конкретниот случај тоа се децата кои не по својат вина останале без родители, рече Ристовски.

Тој истакна дека би било добро кога овој хуманитарен настан би прераснал во традиција на, како што речем сите сегашни и идни генерации. - И не само еден ден. Хуманоста треба да ни се случува секој ден, рече Ристовски.

Директорот на СЦ Борис Трајковски Капушевски најави дека ваков хуманитарен настан ќе се одржи и годинава и оти средствата ќе бидат наменети за манастирот Јован Бигорски.