На денешната 149-та редовна владина седница Владата на Република Северна Македонија отвори дискусија за Охридскиот рамковен договор кој беше потпишан пред 18 години на денешен ден и се констатира дека оваа Влада ги затвори правно формалните аспекти од Охридскиот рамковен договор и како трајна придобивка за граѓаните денеска продолжуваме да градиме едно општество за сите.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за имплементирање нов електронски систем за стратешко планирање и подготовка на годишна Програма за работа на Владата и негово воведување во употреба за што беше задолжен Генералниот секретаријат да подготви Предлог за изменување и дополнување на методологија за стратешко планирање и подготвување на годишната Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија.
Од министрите во Владата денеска се разгледа и усвои Информацијата за плановите за учество на Република Северна Македонија во силите на НАТО за обезбедување на источните и југоисточните граници на Алијансата - Зајакнато истурено присуство за што се задолжува Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, да спроведат консултации и отпочнат планирачки процес со Обединетото Кралство, за учество со две лица - штабен персонал во борбената група распоредена во Естонија и предводена од Обединетото Кралство, а со придонесот да се започне до крајот на 2019 година.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од потпишување на „Меморандумот за разбирање во областа на одбранбената соработка помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави’’ и се овластува заменичката на Претседателот на Владата и министерка за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска Јанковска во име на Владата на Република Северна Македонија да го потпише Меморандумот.
На предлог на Секретаријатот за европски прашања Владата ја разгледа и усвои информацијата за подготовка на Деветтиот состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација во рамките на Комитетот за асоцијација и стабилизација што ќе се одржува во Скопје на 17 септември 2019 година.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за одржаниот шеснаесетти состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, од 20 јуни 2019 година, Брисел.
На денешната седница беше усвоена информација за одржување на конференција PICARD (Partnership in Customs Academic Research and Development) за што се задолжија Министерството за финансии и Царинската управа да формираат работна група со претставници од надлежните институции и министерства да ги преземат сите потребни активности за организација на оваа конференција.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за склучување на Спогодба помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за взаемно признавање на одобренија за овластен економски оператор за безбедност и сигурност (ОЕОС), го разгледа и прифати усогласениот текст на Спогодбата и го овласти Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа во име на Владата на Република Северна Македонија, да ја потпише Спогодбата.
Исто така беше разгледана и усвоена и информација во врска со новоусогласениот текст на Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија и Министерството за регионален развој и урбанизам на Република Бугарија, беше разгледан и усвоен новоусогласениот текст и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски беше овластен да го потпише и да ја информира Владата за неговата реализација.
На денешната седница беше разгледана и усвоена информацијата за имплементација на член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните. Владата им препорача на единиците на локалната самоуправа да ја почитуваат обврската од член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и да пристапат кон отстранување на симболот на Сонцето на Вергина од сите јавни места и јавна употреба.
Владата на Република Северна Македонија на денешната 149-та седница донесе одлука за формирање на оперативен тим кој преку координиран пристап бескомпромисно ќе работи во борбата против криминалот и корупцијата и кој ќе биде составен од највисоките претставници на институциите од извршната власт. Со оперативниот тим ќе раководи заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Во оперативниот тим ќе членуваат министерката за правда Рената Дескоска, заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, директор на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, досегашниот заменик директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Ариф Асани и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.
Со оваа одлука Владата на Република Северна Македонија покажува силна решеност да не запре борбата против криминалот и корупцијата како стратешка определба.