По дводневна расправа, Собранието на Република Северна Македонија денеска го прифати предлогот за избор на министри и заменици министри во Владата на РСМ.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска пред пратениците во Собранието на државата имаше свое експозе со кое ги образложи предлозите за избор на членови на Владата на Република Северна Македонија, за упразнетите позиции за министри или заменици министри во одделни ресори.
Премиерот Заев за нови членови на Владата ги предложи, а Собранието ги прифати Нина Ангеловска, за министерка која ќе раководи со Министерството за финансии и Хисен Џемаили, за министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.
Во образложението за предлогот Нина Ангеловска, да биде министерка за финансии, премиерот Заев истакна дека Ангеловска со своите 31 година, е пример дека секој, сите млади луѓе во земјата имаат шанса да се стекнат со ваква позиција, но и со одговорност.
Нина Ангеловска, истакна премиерот Заев, дипломирала на Универзитетот Св. Кирил и Методиј - Економски факултет на одделот Е-Бизнис како најдобар студент на генерацијата и со постигнат успех од 9,94, а во 2016 година се стекнува со научен назив Доктор на науки по организациски науки и управување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Веднаш по дипломирањето стекнатото звање го применува во пракса и професионалната кариера ја започнува со основање на првиот веб сајт за групни попусти во Македонија – Групер.мк, со што го предизвикува раздвижувањето на пазарот на е-трговија во земјата. Доживува огромен успех, станува лидер на пазарот и се здобива со бројни награди и признанија“, рече премиерот Заев, и додаде дека нејзиниот потенцијал и напорна работа се меѓународно препознаени.
„Во 2016 година еминентниот германски магазин The Hundert ја вбројува Ангеловска во листата на 100 успешни жени основачи на старт-апи во Европа, а во 2018 година магазинот Forbes ја наградува со престижното признание “30 под 30” за Европа во категоријата Малопродажба и Е-трговија. Од 2018 година Ангеловска е член на управниот одбор на Европската Асоцијација за e-трговија и член на советодавниот одбор во Фондацијата за е-трговија“, нагласи премиерот Заев и укажа и на делови од нејзината биографија дека во 2019 година Нина Ангеловска станува и член на управниот одбор на Стопанската Комора на Македонија, и ја прифати поканата на УНКТАД да биде жена амбасадор за дигитилна трговија.
Во своето образложение Хисен Џемаили, да биде министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, има долготрајна политичка и академска кариера, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија пренесе дека Џемаили доаѓа од Катедрата по географија на Државниот универзитет во Тетово. Неговите академски специјалности се економските аспекти на одржливиот развој, што воедно е и тема на неговиот докторат во тек, како и животната средина и локалниот економски развој, и дека во неговата политичка кариера остварил значаен придонес како пратеник во Собранието на нашата земја и како советник во локалната самоуправа во општина Тетово.
„Убеден сум дека двајцата кандидати ќе дадат сериозен придонес, особено зашто се работи за експерти во економијата која го доби врвниот приоритет на Владата за оваа година“, потенцираше премиерот Заев во своето образложение за избор на министри во Владата, што вчера и денеска се спроведе во Собранието на Северна Македонија.
На оваа собраниска седница е прифатен и предлогот за заменици министри да бидат избрани Кирил Колемишевски, за заменик министер во Министерството за економија; Елизабета Наумовска, за заменик во Министерството за образование и наука; и Неџат Мехмедовиќ, за заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.