Претседателот на Владата Зоран Заев, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов извршија увид на отпочнувањето на градежните работи на делницата Крупиште – Кочани.
Делницата е дел од експресниот пат А3 Штип – Кочани, која кога ќе биде завршена, ќе се спои со делницата Штип – Крупиште и со тоа ќе се заврши изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, како една од нашите најфреквентни магистрални сообраќајни артерии.
„Источниот дел на државата бил подзаборавен и затоа токму овде имаме посебна офанзива, се работи за еден бајпас, комплетно решение на правците Три чешми-Крупиште, Крупиште - Кочани и денеска присуствуваме на презентацијата на градежните активности на патниот правец, кој е со должина од 13, 75 километри, а чиј изведувач е кинеската компанија „Синохидро““, рече премиерот Заев нагласувајќи дека се работи за исклучително важен сегмент на патната инфраструктура во Источниот регион.
Премиерот Заев на работната средба, на која присуствуваа и претставници на општините и градоначалниците на Штип, Кочани, Карбинци и Чешиново – Облешево, исто така нагласи дека Владата продолжува со планирање на квалитетни проекти, како што е почетокот на тендерската постапка за изградба на браната Отиња во Штип, на ромското маало во Кочани, проекти веќе планирани со ребалансот на Буџетот.
Премиерот Заев најави и дека од октомври се очекува тендерирање на локалните патишта, проект од 70 милиони евра од Светската банка, чие финансирање ќе биде завршено на почетокот на декември и како што рече на пролет ќе отпочне офанзива на обнова на локалните патишта. Тој додаде дека е почната и процедурата за Анекс-Договорот со компанијата „ТАВ“, со која ќе бидат овозможени 35 милиони евра за канализации за водоводни мрежи, детски градинки и училишта и се преговара за дополнителни 55 милиони евра, наменети за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Министерот Сугарески истакна дека со денешното отпочнување на градежните работи се заокружува крупен капитален проект од клучно значење за над 200 илјади жители на Источниот регион.
„Со изградбата на овој експресен пат го заокружуваме циклусот на изградба и модернизација на патната мрежа во Источниот регион што опфаќа инвестиции од преку 330 милиони евра и вклучува изградба на еден автопат, два експресни и рехабилитација на преку 20 регионални патни правци во регионот“, додаде Сугарески, информирајќи дека се работи за патишта кои биле заборавени неколку децении.
Набројувајќи ги патиштата кои досега се рехабилитирани и на кои се работи, министерот Сугарески нагласи дека со тоа се создаваат подобри услови за работа на компаниите и индустриските зони и се олеснува транспортот и можностите за раздвижување на бизнис секторот, развој на туризмот во регионот и олеснет пристап до обработливите површини за земјоделците.
Директорот на „Државни патишта“ Китанов, ги запозна присутните со техничките детали при изведувањето на градежните работи на делницата.
Претставници на власта и општините го истакнаа значењето на инвестирањето во патната инфраструктура, потенцирајќи дека со тоа се зголемува безбедноста на сообраќајот и се подобрува квалитетот на живот на граѓаните, што е врвен приоритет.